Двајца јавни обвинители од скопското обвинителство заедно со екипи на Министерството за внатрешни работи, судска медицина и други релевантни институции утрово извршија увид во реонот на планината Јакупица каде што вчера се урна авион од типот „Цесна“ со четворица патници, соопшти Обвинителството.
Притоа, по наредба на јавен обвинител, врз телата на починатите патници ќе се врши обдукција од страна на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.
– Местото на кое паднал авионот се наоѓа на исклучително непристапен терен и во моментот не постојат услови за извлекување на леталото. Локацијата е целосно обележана, а експерти од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР и од Комитетот за истражување воздухопловни несреќи и сериозни инциденти ќе ги вештачат остатоците од авионот, со цел да се утврдат причините за авионската несреќа, стои во соопштението.