Со багер и асистенција од МВР, од утринава се уриваат напуштените куќи во Урбан парк во Општина Центар каде во изминатите речиси две години живееја шест ромски семејства.
Под притисок на јавноста и поради тоа што паркот беше претворен во депонија денес се уриваат овие куќи. Ромите велат дека немаат каде да живеат.
„Се работи за објекти кои изградени од ПУИГ, но потоа во нив диво се населија други жители, кои буквално го запоседнаа паркот, градејќи импровизирани живеалишта, каде складираа пластичен отпад и секаков вид шут. Изминатиот месец континуирано се разговараше со лицата кои беа сместени во паркот и им беше посочено дека ќе мора да го напуштат ова нивно привремено незаконско живеалиште. На истите им се понуди и сместување во едно од прифатилиштата на Министерството за труд и социјална политика. Дел од овие граѓани прифатија, но дел од нив не се согласија“, соопштија утрово од Општина Центар.