Отворање на судовите за работата на медиумите, како и разгледување на можноста за формирање медиумско-судски совет кој би разгледувал прашања од заемен интерес се дел од темите на кои ќе се расправа на денешната работилница „Судска транспарентност и евалуација на судиите во светло на реформата во судството“.
– Денеска сакаме да ги убедиме судиите дека новинарите и судиите има многу што да научат еден од друг. Отворањето на судовите е добар начин да се зголеми јавната доверба за тоа што се случува во нив. Кога велам отворање на судовите мислам на нивно отворање за камери и секаков вид електронски направи, за репортерите да можат да „твитаат“ и пишуваат од судницата – рече Рашел Коен поранешна уредничка на секција Уреднички збор во весникот „Бостон Хералд“, сега колумност во „Бостон Глоуб“ и копретседавач на медиумско-судски совет Масачусетс.
Додаде дека овој совет ги спојува медиумите и судиите да работат на прашања од заеднички интерес и, како што рече, првата работа што ја направил овој комитет била на новинарите да им даде соодветна правна обука за да можат да ја покриваат работата на судовите, што е многу комплицирана работа.
Претседателот на здружението на судии Џемали Саити истакна дека денеска ќе се отвори дебата за потребата од унапредување на транспарентноста во судството, како и прашањето за можноста за официјализирање односно поконкретна соработка со медиумите, како што е формирање на медиумско-судски совет кој ќе може да дебатира по заеднички прашања.
– Тие ќе бидат двонасочни и за помош на судиите да се отворат кон медиумите и медиумите да бидат поупатени во однос на нашето работење – рече Саити.
Додаде дека засега нема конкрени активности за формирање на ваков совет, туку само ќе се иницира дебата за да се види колку тоа би било прифатливо.
Фото: МИА