Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува, информираа денеска од Владата.
На предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната седница на Владата е усвоена информација за првиот состанок на меѓувладината комисија меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, основана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија одржан во Софија на 10 јуни 2019 година.
Министрите, како што се наведува во соопштението, беа информирани дека двете страни го разгледале Годишниот извештај на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и предлозите до владите кои се содржани во него, биле разменети оценки за досегашната работа на комисијата и постигнатиот напредок во делот на античката историја се донесени спомнатите одлуки.