Со оглед на плодноста на Балканската почва, нерешените имотно- правни односи за сопственост на истата, климатските услови и се разбира ендемските сорти кои се раѓаат на таа почва, огромен е интересот и присуството на стручњаци од најмоќните „странски компании” кои не жалат средства за возврат на економската исплатливост на нивниот влог. Колку – толку ќе се подобри процентот на пример на нивната воена индустрија, високо квалитетното перење на пари од недозволените трговии, индиректната контрола на црниот пазар и безусловното влијание.
Според еден висок функционер на една таква странска компанија која во минатото беше ангажирана за изработка на елаборатот со новите Балкански граници, расите кои опстојуваат на овие простори беа окарактеризирани како лесно манипулативни врз кои што многу успешно ќе функционира паролата „сто пати кажана лага станува вистина“… точна беше и неговата проценка дека има еден дел со кој нема да биде лесно, но или ќе паднат на кондиција по долги години или ќе заминат што подалеку. Покрај странските неизбежни се и домашните „подизведувачи” кои така верно слугуваат и ги бранат туѓите интереси, така што нивните дебели лигави траги водат до нивни личен, а во поново време и поширок семеен успех.
А што друго би очекувале кога додека нормалните размислуваат за решавање на проблемите кои следат во наредните сто години и се реална опасност за човештвото, ние се занимаваме со тоа како да „му умри козата на комшијата“. Додека таму некаде се негува, цени и вложува во уметноста и културата, кај нас гулабите се највреднувани во тоа поле и впрочем што ќе ни се реконструкции и изградби на центри за култура и театри кога си имаме такви гулаби. Додека светот е при крај со пронаоѓање на лек против ракот, кај нас најнормално е да се користат вакцини за деца со поминат рок, да имаме смртни случаеви поради банални грешки на медицински лица, кои се таму каде што се, по некоја случајност дека имаат роднини политичари или бизнисмени на кои политичарите му се должници (една од придобивките на малите држави), здравствените установи ќе изгледаат онака како што изгледаат се додека најбитен дел од здравството се тендерите за набавки на лекови…
Не знам со кој памет оние луди земји вложуваат во индустриската модернизација кога имаат толку можности во јавната администрација, иако некои од нив имаат далеку помал број на пратеници, министри, заменици, секретари… па според тоа и помал е бројот за вработување на нивните роднини и пријатели.
Додека таму некаде министри поднесуваат оставки за сообрајќаен прекршок, пратеници за неплатен сендвич, кај нас се помилуваат милионски криминали (освен оние поголемите со ќебапите), па потоа се става свој човек во надзорен одбор за контрола на партнерството. Осудени лица бегаат од државата како средношколци од час, судски пресуди се нарачуваат како песна во биртија, па макар и да е пресуда од некое си специјално обвинителство.
И најбитно е што влегуваме во НАТО, а како прва придобивка на тоа армијата доби нови чизми, па да се надеваме до на лето дека ќе се подноват и со нови влечки од ЧИК Куманово…
А од сите присутни опозицијата онаа „најголемата” најгласно молчи… глуво-немо посматра и од време на време ќе се појави со некој скеч, а и што друго можи да направи со оглед на тоа колку длабоко се во калта…
И се смееме на сето тоа… сето тоа е нормално секојдневие…
Не е чудно што од надвор ни се смеат, ниту е чуден потсмевот на баграта што го слушаме сите овие години, туку чудното е што сите ние почнавме да се смееме со самите себе и нивната забава е проследена со аплауз…
(Автор е член на УК на ГДУ)