Се роди евро – Македонија!

Ги следев отворените студија на Телма и ТВ-24 до три часот и 45 мин. по полноќ кога беа соопштени последните податоци од околу, ако разбрав како што треба, 95 % избирачки места.

1997

Можат нашите ултра-националисти, фундаменталисти и учени јуристи-формалисти и натаму, до недоглед, епски да дебатираат по прашањето: дали бил или не легитимен вчерашниот референдум. Aма, јасно е како бел ден: вчера, дефенитивно се роди Евро-Македонија. И тоа е сега непобитен факт. Веројатно зашеметени од тој непобитен факт, сите тие треба добро да размислат: како да го кажат тоа што (барем сега засега) никако не сакаат, не можат или не знаат да го кажат. А пак тоа е: Евро-Македонија ваистина се роди!

Ги следев Отворените студија на Телма и ТВ-24 до три часот и 45 мин. по полноќ кога беа соопштени последните податоци од околу, ако разбрав како што треба, 95 % избирачки места. Тие последни податоци се совпаѓаат со тоа што го рече премиерот Зоран Зев на својата втора прес-конференција (третата, околу 3. 30 ч. беше верзија на онаа од 22.30 ч.?), а тој рече: од околу 650 илјади луѓе колку што го искористиле своето право да гласаат, дури 90% или, околу 600 000 луѓе, го одобриле Договорот со Грција како conditio sine qua non за влез на Македонија во НАТО-алијансата и Евро-Унијата.

Во неговата прес-конференција од 22.30 ч. тој кажа нешто и за – „тивкиот бојкот“ на шефот на опозицијта Мицковски. За него пак кристално јасниот глас на народот му рекол „не“ на Заев. Сега почна тој Мицковски да го заменува тој „народ“ со “граѓани.“ Една иновација во неговата политичка реторика од редот на оние “вибрации“ и “навигации.“ Ќе се вратам на тоа (можеби) нешто потаму. Сега сакам да обрнам внимание на нешто кое го кажа Заев, а не го кажал (колку што знам), ниеден политичар досега. Ниту пак некој учен експерт од онаа армија експерти кои дефилираат на Телма и ТВ-24.

Не многу пред референдумот, Заев зборуваше дека гласовите на оние што бојкотираат или не сакаат да гласат од други причини “и онака не се бројат“. Синоќа, на една од двете конференции рече „дека врв на демократијата“ било “правото на избор“ (онаа од 22. 30). На онаа што ја проследив во 03.30 по полноќ тој рече дека „парламентот“ бил, исто така, „врв на демократијата“. И во едната и во другата формула станува збор за активно изразена волја: било посредена, преку пратеници во Парламент, било непосредна, преку демосот-народ кој гласа на референдум, според речникот на судијката (во БиХ) М. Цаца-Николовска во дебата на ТВ-24, речник близок до она „право на избор“ на Заев.

За што всушност станува збор? Оној „врв на демократијата“ кој не бил, според Заев, друго освен „правото на избор“ е друго име за “слободната, своја волја“ која, според учењето на Отец Пелегиј (5-ти в. по н. е.) е главна одлика на човекот. Оној човек за кој „Светото писмо“ вели дека е направен според „божја лика и прилика“. Токму затоа тој има „своја, слободна волја.“ Тој може да се усоворшува. Дури и – да се доближи до својот творец по таа совршеност.

Наспрема таа теорија на слободната, своја волја на Отец Пелагиј, стои учењето на Свети Августин. Тоа тврди дека човекот е недовршен и грешен. Дека не може без поткрепа на неговиот творец Господ-Бог. Дека понизноста, дека покорноста кон тој омнипотентен и омнипрезентен творец е – неговата прва и света должност. Или, преведено на нашиот актуелен, референдумски јазик: тој неук, слаб и несоврешен човек (член на ВМРО-ДПМНЕ) треба покорно да ги следи тајните (тивки!) директиви на партиската елита (органи), а под палката на првиот човек – Мицковски. А зошто тајни и тивки? Затоа што покорноста нема ништо заедничко со слободната, своја волја. Таа е туѓа на демократијата. Таа слепа покорност е прва одлика на тоталитарните политички структури.

И не само тоа! Да се рече: не сакам да гласам! Не излегувам на избори! Или – бојкотирам (скришно како ВМРО-ДПМНЕ, или јавно како Јанко Бачев), тоа не значи друго освен дека – доброволно се одрекувам од својата слободна волја, првата и главна одлика на човекот – „божја лика и прилика.“ Дека таа волја јас ја претворам сега во не-своја, не-слободна и, во крајна линија, во не-волја. Јас го правам тоа кога и ја отстапувам на партиска елита, на чие чело е нејзиниот шеф. Тој разговара со Меркел, Столтенберг и ред други елитни фигури во денешниот свет. Тие кои му кажуваат што мислат за – Договорот Ципрас-Заев.

Оние над 90 % или 600 000 за Евро-Македонија до тој степен ја растурија убавата, вибро-логика на шефот на ВМРО-ДПМНЕ, што тој прибегна кон еден колку чуден, толку и бизарен политички надрелазам  за кој било универзитетски професор. Неговата вибро или, ако повеќе ви се допаѓа, неговата навиго-логика галантно си присвои солидна бројка од  450 000 (според Светска банка) гласачи што ја напуштиле Македонија. Потоа, бројка од 150 до 200 000  кои ама баш никогаш не гласаат  (Трошановски: „аполитични“). И уште толку или нешто повеќе од неговите покорни во неговото ВМРО-ДПМНЕ.

Ако тој може да полага право на тие бројки, тогаш кое право ќе му забрани на Заев да полага право на – истите бројки? Тоа му е, сега, соврешено јасно на Мицковски. Тој нема начин да му забрани на Заев да го прави тоа што – сам го прави. Ете зошто тој доби некоја пембе боја на устоено цвекло во тегла. Ете зошто избегна да каже: сака или не – избори? Ете и зошто, “како Понтиј Пилат се посипа со пепел“ (свештеник на ТВ-24 чие име не го запаметив). Ете и зошто тој беше убедливо млак, отсутен и скршен. Само 5% наспроти 91% гласови „за“ Евро-Македонија сега неизоставно бараат од него да рече: „Ваистина се роди Евро-Македонија“, а во септемврија месец од лето Господово 2018.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...