Се реконструира едно од најстарите училишта во Скопје

723

Се реконструира едно од најстарите основни училишта во Скопје, ОУ „Васил Главинов“ во Чаир, за што се вложени повеќе од 14 милиони денари. Со реконструкцијата се опфатени трите блока на училиштето, а таа вклучува целосна внатрешна санација и на електричната инсталација.

– Откако ќе завршат градежните работи во овие три блока, ќе продолжиме со јавна набавка и за последниот блок Г и целосна реконструкција на спортската сала на ова училиште. МОН обезбеди средства во рамки на проектната единица и за покривот на училиштето, со инвестиција од над 10 милиони денари. Максимално сме посветени да ја подобриме инфраструктурата, не само во Општина Чаир, туку и на национално ниво каде што има потреба – изјави ресорниот министер Арбер Адеми, кој денеска го посети училишниот објект придружуван од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Адеми нагласи дека е оптимист и дека ако продолжат со активностите и реализацијата како во втората половина од 2018 година, очекува да имаат добра реализација на капиталните инвестиции и во 2019 година.

Настава во ОУ „Васил Главинов“ следат околу 900 ученици од различни етнички заедници. Објектот е од пред земјотресот, најстариот дел е изграден во далечната 1956 година, а два блока се доизградени во 1968 година. Градежните работи во првата фаза се очекува да траат до април, а дотогаш наставата нема да биде во прекин. Директорот Ќамуран Кучи рече дека за настава привремено ќе се користат и четири училници во вечерното училиште „Макаренко“.

На новинарско прашање министерот Адеми одговори дека во Општина Дебар се сменети имињата на две училишта, што биле во процедура од 2012 година.

– И во оваа прилика ќе споменам дека образованието, имињата на училиштата не треба да бидат прашање на дневната политика и создавање тензии, туку треба да ја рефлектираат волјата на националноста каде гравитира тоа школо, волјата на колективот, менаџментот, учениците, родителите. Тензии не му требат на образованието – додаде Адеми.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...