Се поправа улицата Христо Татарчев во Кисела Вода

Градоначалникот Темелковски вели дека се работи и на подготвителни работи за целосно нова атмосферска канализација во Пржино, проект финансиран од Светска банка во износ од 110 милиони денари.

251

Свлечиштето кај Теферич во општина Кисела Вода ќе се санира кон средината на следниот месец, а за тогаш се планира и санација на третиот дел од патот кон тоа место, информира денеска градоначалникот Филип Темелковски, кој со министерот за транспорт Горан Сугарески изврши увид на градежните работи за санација на улицата Христо Татарчев, крак 22.

Улицата, што секојдневно ја користат повеќе од 1.000 жители, се подготвува за асфалтирање. Градежните активности треба да завршат за околу дваесетина дена.

Градоначалникот Темелковски информира и а другите проекти.

–  Ќе почне тендерската постапка за крак 14 на оваа улица. Се работи на подготвителни работи за целосно нова атмосферска канализација во Пржино, проект финансиран од Светска банка во износ од 110 милиони денари. Нашиот дел го работиме, а од октомври годинава ќе почнат градежните работи финансирани од Светска банка. По препорака на родителите се работи во повеќе училишта и градинки во општината – изјави Темелковски.

Тој додаде и дека се поставува нова енергетски ефикасна фасада во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ и оти се реновираат тоалетите во училиштата и градинките.

До крајот на следниот месец се очекува да заврши изградбата на кружниот тек на последна 24, што е под надлежност на град Скопје.

Според Темелковски, активностите биле стопирани затоа што изградбата почнала пред изборите без регулирани имотно-правни работи. Минатата недела на состанок со град Скопје и со изведувачите од општината добиле информација дека до крајот на следнот месец ќе бидат завршени сите активности.

Министерот за транспорт и врски Сугарески рече дека Министерството за транспорт и врски и Владата се партнер и поддржувач на општините.

– Правиме сѐ што е во наша надлежност да помогнеме во делот на проектите и урбанистичките планови за да го помогнеме нивниот развој, вклучително и на Кисела Вода – рече Сугарески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...