Игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј, во придружба на неколку монаси од Бигорски и монахињи од манастрот„ Свети Георгиј Победоносец“ од селото Рајчица, имаше работна средба со Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, информираа од Бигорскиот манастир.
– На средбата беа присутни, и повеќе познати личности од културно-општествената сфера во Македонија, а беше разговарано за претстојниот голем јубилеј на Бигорскиот Манастир – 1000 години од неговото основање. Сите присутни изразија особена желба и подготвеност да излезат во пресрет за подготовките за јубилејот – додаваат од Бигорскиот манастир.
Од таму посочуваат дека на ова прва средба околу одбележувањето на јубилејот, било одлучено во скора иднина да се формира координативно тело, кое што ќе раководи со активностите за достојна прослава на реткиот и огромен по значење милениумски јубилеј.
Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин.
Посветен е на Крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него.