Нов модел на субвенционирање на туризмот во кој ќе биде вклучен и бизнисот, бараат Здружение за угостителство, хотелиерство и туризам при Стопанската комора на Македонија.
Досегашниот модел на субвенционирање, како што беше речено на денешната прес конференција, завршува на крајот на годината и веќе треба да биде донесен нов модел за субвенционирање. На овој модел треба да работи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заедно со бизнисот во туризмот и ќе биде вграден во понудата за наредната година.
Со сегашниот модел на субвенционирање се потрошени 1,2 милиони евра од буџетот, односно по 2,1 евра по глава на турист. Лани бил субвенциониран секој петти турист кој дошол во земјава.
– Сегашниот модел на субвенционирање на туризмот даде резултати, но треба да се размислува за поодржлив систем на субвенционирање. Новиот модел треба да се базира на сместувачки капацитети и со изедначување на износите на субвенционирање за сите дестинации, за да не се случува за некои туристи да се добиваат повеќе пари, а за други помалку – рече директорот на Агенцијата за промоција и поддршка туризмот, Љупчо Јаневски.
Според него, треба да се субвенционира и сезоната и вон сезоната за да се зголеми бројот на туристи и ноќевања. Да се создадат нови атракции и да се понудат пакети кои ќе траат од 3 до 5 денови во текот на цела година.
Акцент при тоа ќе се даде на азискиот пазар, но и на Адриа земјите, Романија и на Турција. И привлекувањето туристи од европските земји годинава ќе биде во фокусот, зашто, како што рече Јаневски, не се исцрпени сите можности. Во однос на она што ќе се нуди ќе бидат алтернативните форми на туризам, кој е во силен развој во светот и е актуелен во текот на целата година.
Славе Сирачевски од Здружението предложи да се размисли да се субвенционираат и хотелите покрај агенциите и туроператорите.
– Да се стимулираат сите туристички субјекти кои носат девизи во земјата со што ќе бидат опфатени и помалите туристички субјекти – рече Сирачевски.
Според него, за зголемување на бројот на туристите треба да се овозможи слободен визен режим за туристите од Азија, односно да се овозможат туристички визи од 3 до 5 дена за одделни земји како Малезија, Сингапур и Тајланд.
Девизниот прилив од туризмот во земјава лани бил 381,5 милиони долари.