Пред тоа си беше предупредено дека од Македонија се подготвува да се создаде нова Република Српска на Балканот, што е операција којашто, се извинувам, нема да може да се изведе, и покрај најлошите намери.
(Мала дигресија: ако смеам да забележам, кога со недели и месеци, сто пати фино им го кажувате тоа на македонски јазик, не ве земаат за сериозно; кога еднаш-два пати ќе им се повтори истото тоа малку погрубо и на англиски, одеднаш сите се алармирани, вознемирени и станува вест за насловни страни!)
Ете, така, во нашиот национален натпревар за евроатлантски интеграции дојдовме до делот за шутирање пенали, откако се квалификувавме во финалето (Преспански договор) и успешно ги поминавме продолженијата (референдумот). Додуша, се знаеше однапред дека овој натпревар ќе заврши „на пенали“ во Собранието, бидејќи така е предвидено и во Преспанскиот договор…
А со пеналите знаете како е – никогаш не се знае!
Сепак, за да се знае малку повеќе, читам викендов, неделава, наводно, ќе се апси Груевски со сите подизведувачи (од Агенцијата за разузнавање, од АРМ и од други средини во кои виреат „сомнителни лица“ по прашањето на евроатлантските интеграции) кои си мислеа дека подготовката и извршувањето на обидот за ланскиот државен удар на 27 април (во соработка со најмалку една соседна странска служба, а под надзор на постариот им брат), по што требаше да следува прогласување на вонредно-воена состојба и апсења, ќе си помине само со судењата на оперски пејачи, глумци, ступидни блогери, неколку пратеници, Чавков „комада еден“, два-тројца платени ликвидатори и неколку десетици патриоти-насилници…
Сега треба да се види дали обвинението, со прибавени докази и сведоци, конечно може да се прошири нагоре, по инспирациско-командна оска, бидејќи нема човек во државава кому не му е јасно чие „масло“ се нападот и насилствата во Собранието. Груевски „виси“ на тенко конче. Иванов на влакно, еластично, за тегнење до април.
Политички, ова се последните „поздрави и честитки“ пред гласањето во Собранието за уставните промени. Бидејќи се очекува тоа гласање да пропадне, би се рекло дека пораката е дека и на овие предвремени избори, доколку се инсистира на тоа, темата ќе биде правната држава. За очекување е и луѓе да се расприкажат, а не би ме зачудило и некое ново видео да одгледаме. Изборниот патриотизам ќе се мери според сторените злодела, а не според колнењата врз Библијата.
Единствената нејаснотија во целава постановка е што е тоа што, всушност, му е кажано на Мицкоски од Белград и од Будимпешта, минатата недела? Со каков „квалитет“ бил „бакнежот“ од Орбан, за збогум или за довидување? И дали Мицкоски верно им го пренел кажаното на своите сопартијци, оние кои се двоумат кој пат да го фатат?
Сепак, на принудната опција за вонредни избори може да се гледа и од повеселата страна: барем едно дваесетина сегашни пратеници ќе останат без пратеничкиот имунитет, што многу ќе ги поедностави формалностите за нивно натамошно правно процесуирање. Па и тоа е нешто.
Извор: Цивил медиа