Се ожени Мартин Вучиќ

5997

Музичарот Мартин Вучиќ синоќа се ожени со неговата долгогодишна девојка Сања, објави порталот Женски магазин.

Сликата со младоженците, на својот фејсбук профил ја објави Нора Шаќири, блиска пријателка на семејството Вучиќ. На свадбената фотографија со Мартин и со Сања е Нора со нејзиниот сопруг Марко, и брат и Бени Шаќири со сопругата Лиса. Свадбата се одржа во познат скопски ресторан.

Честитки за убавиот настан, се објавуваат и на профилот на Весна Вучиќ, мајката на Мартин, сопруга на познатиот музичар и водител Драган Вучиќ. Мартин и Сања се заедно четири години, а веќе некое време живеат заедно.

Мартин, кој во 2008 година се повлече од поп-естрадата е еден од најсупешните наши музичари на ударни инструменти. На јавна сцена, тој може да се види на концертите на Македонската филхармонија каде што работи. Пред седум години, тој одржа успешен концерт во Универзалната сала наречен „Песни за душа“, каде што изведе повеќе традиционални македонски песни. Дел од нив, тој му ги посвети на својот дедо од страна на мајка му, легендарниот музичар на народни инструменти, Пеце Атанасовски. Мартин никогаш не зборувал за својот приватен живот.

Во 2005 година, ја претставуваше Македонија на Евросонг со песната „Make My Day“ во Киев, Украина, и успеа да обезбеди влез во финалето. Додека беше активен на поп-сцената, тој добиваше многу фестивалски награди во Македонија и во регионот. Најпознат негов хит е „Рано е да се врзам“, а една од најдрагите и најубави песни на Мартин е баладата „Муза“, која за него ја напиша Тоше Проески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...