Се огласи вистинската Људмила од Чернобил: Серијата е полна со лаги ВИДЕО

Серијата која се закити со дури три Еми награди, предизвика бројни контроверзии бидејќи се појавија коментари дека неверодостојно ги прикажала настаните од кобната 1986 година.

7083

Светот летоста полуде по серијата „Чернобил“, хитот на ХБО, која ги прикажа настаните и контекстот на една од најголемите катастрофи во историјата – експлозијата на советската нуклеарна електрана.

Милиони гледачи ширум светот ги следеа петте епизоди од минисеријата, а очекувано порасна и интересот за чернобилската трагедија, вклучувајќи го и порастот на туристичките патувања во озлогласениот и напуштен Припјат.

Серијата која се закити со дури три Еми награди, предизвика бројни контроверзии бидејќи се појавија коментари дека неверодостојно ги прикажала настаните од кобната 1986 година.

Помеѓу нив е и Људмила Игнатенко, сопруга на еден од првите пожарникари кои загинале во трагедијата, чиј лик се појавува и во серијата. Во разговор за Би-би-си, таа утврдила дека ХБО не побарал одобрение да го користи нејзиниот лик во серијата. Успехот од проектот ѝ предизвикал бројни проблеми, особено малтретирање од страна на медиумите, поради што некое време се криела од новинарите, но сега одлучила да проговори.

– Се чувствував многу непријатно и вознемирено кога дознав дека и мојот лик се појавува во серијата. Ме опседнаа непознати луѓе. Дојде до момент кога новинари ја ставаа својата нога на прагот на мојата влезна врата за да не можам да ја затворам и ме снимаа – раскажала вдовицата на чернобилскиот пожарникар Василиј, еден од првите кои загинале поради радијацијата.

За последен пат таа го видела на 1 мај 1986 година, само неколку дена по експлозијата, во локалната болница. Тогаш, Василиј извадил четири каранфили од под перницата и ѝ ги подарил.

– Не знаев дека тоа е нашиот последен романтичен момент – раскажала Људмила низ солзи.

Тогаш 23-годишната девојка била бремена за време на несреќата, но тоа не им го кажала на болничкиот персонал. Поради изложеноста на радијацијата од Василиј, кој примил голема доза на радијација во краток период, нивното дете во развој било исто така озрачено, а малата Нашата починала само неколку часа по раѓањето. Поради тоа, Људмила по серијата била изложена на бројни критики.

– Тврдеа дека сум го убила своето дете, но во тоа време не знаевме многу за радијацијата. Луѓето ме прашуваа зошто сум била покрај креветот на мојот сопруг во таква состојба. Но, како можев да го оставам? Мислев дека детето во мене е заштитено – изјавила таа.

Људмила додала и дека ХБО никогаш не побарал одобрение за снимање на нејзиниот лик.

– Мислам дека компанијата се однесуваше многу непрофесионално бидејќи воопшто не ме исконтактира. Примив само еден повик од Москва откако серијата веќе беше снимена. Ми кажаа дека ме снимале во Киев и во Латвија и дека сакале да ме контактираат, но не успеале. Ми понудија 3.000 долари. Ги прашав за што служат тие пари, а ми кажаа дека сакале да ми платат затоа што постојам. Одговорив дека никој не дава пари тукутака, за што било и им спуштив – се присетила Људмила.

Компаниите ХБО и „Скај Атлантик“ ги отфрлиле обвиненијата. Тие тврдат дека разговарале со Људмила во повеќе наврати, ѝ објасниле дека приказната за нејзиниот сопруг ќе биде дел од серијата и дека таа била многу свесна за проектот.

– Во текот на тие разговори, таа ниту еднаш не се противеше на снимањето. Направивме сè за приказната на сите вклучени во трагедијата да бидат раскажани верно и со почит – соопштиле од компаниите.

Људмила вели дека целата серија е преполна со лаги кои ѝ било тешко да се гледаат (на пример, дека нејзиниот сопруг бил погребан без чевли кои во серијата на погребот се наоѓаат во нејзините раце). Сепак, таа пофалила одредени делови поради автентичноста на приказната.

 

Foto: BBC / Youtube printscreen

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...