Се крчка новата цена на струјата?

Домаќинствата моментално за еднотарифно броило за киловатчас потрошена енергија плаќаат 4,44 денари, додека кај двотарифните броила за KWH висока тарифа цената е 5,54 денари за киловатчас и 2,78 денари за KWh во ниска тарифа.

524

Каква цена на електричната енергија ќе плаќаат граѓаните од средината на годинава сѐ уште не може да се каже. Од ЕСМ која годинава треба да обезбеди 75 отсто од потребната електрична енергија на дистрибутерот ЕВН велат дека производната цена на струјата ќе ја задржат на ниско ниво со намалување на трошоците во работа, но крајната цена, сепак, не зависи зависи само од нивната производна цена, туку и од цената на струјата која ЕВН хоум ќе ја обезбеди од слободен пазар и трошоците на оваа компанија.

– За првите шест месеци од годинава имаме потпишано договор со ЕВН хоум и за овој период гарантираме задржување на ниска продажна цена кон универзалниот снабдувач. Во мај тие ќе објават повик на којшто ќе треба да се појавиме, нормално тие се универзален снабдувач и немат обврска да ја набавуваат енергијата од нас. Како компанија, за да ја задржиме ниската цена на струјата, сериозно внимаваме на трошоците, ги намалуваме, а на сметка на тоа гледаме и да го зголемиме производството – изјави директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.

ЕСМ која со закон е обврзана како најголем производител на електрична енергија во постапките за набавка за енергија што ќе ги спроведе универзалниот снабдувач во случајот ЕВН хоум, да му понуди точно утврдено годишно количество енергија. За годинава треба да обезбеди 75 отсто од потребната електрична енергија на универзалниот снабдувач. Остатокот од 30 отсто ЕВН хом како универзален снабдувач ќе треба да го набави на слободниот пазар на електрична енергија.

Цената што ќе се постигне како и прикажаните трошоци ќе бидат основа за утврдување на висината на цената за крајните потрошувачи.

ЕВН хоум доколку смета дека има зголемени трошоци во работењето и има потреба од зголемување на цената на испорачаната електрична енергија до корисниците има обврска од почетокот на март па до крајот на април да поднесат барање за промена на цената до Регулаторната комисија. При тоа треба да докаже дека предложената цена е оправдана, а регулаторите ќе одлучат дали барањето е оправдано.

Во пресметката на универзалниот снабдувач влегуваат оперативните трошоците што ги има компанијата, како и трошоците за набавка на струја, за пренос кон МЕПСО, трошок за дистрибуција и плус пресметаната маржа.

Според новиот Закон за енергетика, Регулаторната комисија нема обврска да ја утврдува цената на државните електрани (ЕСМ). Цената ја утврдува самата компанија врз основа на пазарните услови. Обврска на ЕСМ која произлегува од законот е да обезбеди одреден процент на електрична енергија на ЕВН хоум. Процентот на струја што треба да го обезбеди ЕСМ со текот на годините треба да се намалува поради либерализацијата на енергетскиот пазар. Тој процент за годинава изнесува 75 отсто, за 2021 година 70 отсто од потребната енергија, во 2022-та најмалку 60 отсто од вкупните годишни потреби на снабдувачот, а во 2023 година најмалку 50 проценти. Во 2024 година ЕСМ за универзалниот снабдувач ќе обезбеди најмалку 40 отсто, а во 2025 година најмалку 30 отсто од вкупните годишни потреби.

МЕПСО, пак, цената на услугата ја утврдува нешто подоцна со поднесување барање до регулаторот во јули, а со важност на цената од октомври во тековната година.

Домаќинствата моментално за еднотарифно броило за киловатчас потрошена енергија плаќаат 4,44 денари, додека кај двотарифните броила за KWH висока тарифа цената е 5,54 денари за киловатчас и 2,78 денари за KWh во ниска тарифа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...