Се комплетира Судскиот совет

Се очекува пратениците да ги изберат Весна Дамева, стручна соработничка во Кривичниот суд во Скопје и Селим Адеми, правник од Вруток, Гостиварско, за членови на Советот кој, практично, ги решава кадровските прашања во областа на судството

909

Весна Дамева, стручна соработничка во Кривичниот суд во Скопје и Селим Адеми, правник од Вруток, Гостиварско, се потенцијални идни членови на Судскиот совет, кои се очекува да бидат избрани на денешната собраниска седница.

Дамева е предлог на претседателот Стево Пендаровски, додека Адеми е предложен од собраниската Комисија за избори и именувања. Нему пред извесно време му истече првиот шестгодишен мандат како член на Судскиот совет, а сега се очекува да биде реизбран на функцијата.

Изборот на нов член на Судскиот совет подолго време беше заглавен во Комисијата за избори и именувања, како и други кадровски решенија што сега конечно се најдоа на дневен ред на пленарна седница. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера побара предлогот за избор на Дамева да биде симнат од дневниот ред на седницата што продолжува денеска, што не беше прифатено од мнозинството.

Со изборот на Дамева и на Адеми  ќе се комплетира Судскиот совет, кој моментно брои 11 членови, додека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда се членови по функција. Повеќето од актуелните членови на Судскиот совет се избрани по 2017 година. Ова тело пред неколку месеци доби и нов претседател – Киро Здравев, кој дојде на местото на Зоран Караџовски. Сепак, тројца од членовите на Судскиот совет се избрани во 2013 и во 2014 година, така што на нив наскоро ќе им истече  мандатот.

Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години со право на уште еден избор. На претседателот на Врховниот суд  и на министерот за правда со престанокот на функцијата и им престанува и мандатот во Советот. Овој состав на Судскиот совет, пред неколку месеци, го разреши доскорешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски, што е една од најкрупните одлуки што ги донело досега ова тело, кое, практично, ги решава кадровските прашања во областа на судството

На денешната собраниска седница, што почнува попладне, на дневен ред е и барањето за давање автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, поднесено од пратениците на СДСМ Сашко Костов и Диме Велковски, како и изборот на главен државен ревизор – функција за која е предложен Максим Ацевски.

Пратениците треба да ги разгледаат и точките за избор на заменици на Народниот правобранител, како и за објавување оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...