Тинејџери веднаш почувствувале хемија помеѓу нив кога се сретнале во сендвичара во 2006 година, но бидејќи еден од нив наскоро требало да оди во затвор, не си дале шанса, пренесува „Метро“.
Нина Хофлер е личен тренер од Аризона, која се вљубила во Мајкл кога имала само 16 години. Тој бил една година постар од неа.
Таа, сега 29 годишна жена, дала ветување дека ќе му пишува веднаш штом тој завршил во затвор.
Тој бил вклучен во грабеж со оружје во Калифорнија, по што добил 23 години затворска казна.
Иако Нина се плашела од осудување во нејзината средина, тоа не ја спречило да му пишува секојдневно писма.
Во 2012 година, тие се бакнале за првпат за време на првата посета. Со тек на време станале многу блиски, а тој ја запросил летото во 2016 година. Следната година се венчале во затвор, по десет години поминати заедно.
Иако бил најмал во групата која го извршила криминалот, на Мајкл му била дадена најстрогата казна, бидејќи судот го третирал како возрасен човек.
По 13 години служејќи ја казната, тој се надева дека нешто ќе се смени со новиот закон донесен во Калифорнија, кој се однесува на малолетни престапници.
За брачните двојки во затворот има и посебни делови составени од две спални соби и бања, каде може да бидат сами, без присуство на трети лица.
– Морам да ја носам потврдата од венчавката секој пат кога ќе го посетам. Со тоа, носам и мала торба со алишта за три дена – вели Нина.
Таа додава дека ќе почувствува вистинско олеснување кога тој ќе зачекори надвор како слободен човек.
– Ќе биде како да го живеам сонот во кој сум заклучена уште кога имав 16 години. Ние треба да престанеме да ги затвараме децата, фрлајќи го клучот. Тие имаат навистина добри шанси да се променат, со добра рехабилитација. Не знам кога Мајкл ќе си дојде. Како и да е, ќе бидам тука и секогаш ќе се бориме со ова заедно. Потпишав за во добро и зло, не секогаш цветаат рози – вели Нина.
ФОТО: Метро