Три дена нѐ делат до одржувањето на референдумот. Три дена неизвесност! Ќе биде успешен и Македонија ќе биде Европска Македонија или неуспешен и Македонија ќе остане во калта. Тоа ќе го решат граѓаните. Ќе решат дали сакаат да бидат во друштво на богатите и посилните или пак ќе останат осамени, „зачаурени“, скарани со сите, како досега. Ќе излезат и ќе го дадат својот глас или пак, по наредба на партијата, ќе го „бојкотираат“ референдумот.
Мудар е Македонецот и сите веруваат дека ќе го одбере патот за Европа, зашто овој референдум не е партиски туку е референдум што ја решава судбината на Македонија. А кога е во прашање родината, Македонецот, оној вистинскиот, каде и да е, знае кој пат да го избере. А нѐ има насекаде. Едни за парче леб го напуштија родното огниште. Други пак не можеа да опстојат под единаесетгодишната диктатура. Не можеа да гледаат неправди. Не можеа да ги издржат тортурите. Заминаа, но и срцето и душата им останаа тука во ова парче Македонија. Многу куќи останаа празни. Многу улици, во кои имаше и радост и тага, опустошеа. Останаа само старите, немоќните. И мојата улица, како и многу други, остана празна. Нема куќа од која нема син или ќерка да не се во Германија, Италија, Австрија, Шведска, Америка, Канада, па и Австралија.
Старите очи, кои недогледуваат и старите нозе, потпрени на бастун, секој ден се пред порта и чекаат да видат насмеано лице како им се враќа од јабана. Чекаат срцето да им се исполни со радост, па макар таа и да им биде последна.
Во една, која е на неколку улици погоре од мојата, деновиве се случи радост. Синот се врати. И татко му и мајка му не можеа да ги скријат солзите. Го гушкаа како никогаш дотогаш.
„Си дојде синко!?“, му вели таткото.
„Да, татко, дојдов. Заедно да отидеме на референдум и да гласаме за Европска Македонија. Јас не го сакам бугарскиов пасош. Јас сум Македонец, а не Бугарин. Но морав да го земам. Жена ми, бидејќи нема пасош, не може да остане повеќе таму. А тука, во нашава Македонија, сѐ уште ништо не се знае. Кога и тука ќе дојде Европа и кога ќе нема граници, ќе можеме секаде да одиме. Тогаш ќе има живот и тука и во Европа и за нас и за сите како нас. Ајде сега да влеземе дома!“, рече синот и гушнати влегоа во старата куќа.
Ја гледав оваа сцена, а срцето ми плачеше. Сакав да викнам. Силно да викнам. Колку вакви македонски мајки и татковци ги чекаат своите деца да се вратат и заедно да отидат да го дадат својот глас на референдумот за Европска Маскедонија или за Македонија опкружена со душмани.