Се воведува државна награда за унапредување на човековите права „Мето Јовановски“

222

Владата на денешната седница ја усвои информацијата за востановување на државна награда за унапредување на човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски, првиот претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Наградата ќе се доделува за придонос во борбата за човекови права на 10 декември, кога е Меѓународен ден на човековите права.

„Министрите ја усвоија информацијата за потребата од изменување и дополнување на Законот за државните награди. Притоа Министерството за култура, во соработка со неколку ресорни министерства и надлежни институции е задолжено да формира работна група, која треба да подготви и до Владата на Република Македонија да достави Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државните награди, со кој ќе се востанови нова државна награда за унапредување на човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски“, се вели во соопштението на владината прес-служба.

Писателот Мето Јовановски беше истакнат активист за човекови права. Тој беше претседател на Македонскиот ПЕН центар и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...