Се бришат починати лица од Избирачкиот список

275

Педесет и девет лица од општините Кисела Вода, Студеничани, Сопиште и Зелениково ќе бидат избришани од Избирачкиот список. Според информациите од подрачната канцеларија на Државната изборна комисија (ДИК) во Кисела Вода, станува збор за починати лица, за кои изводи од умрените до нив доставиле по службена должност месните канцеларии на Управата за матична евиденција по почетокот на јавниот увид за есенскиот референдум.

Според прегледот од јавниот увид на Избирачкиот список на ДИК од 9 до 12 август, решенија за бришење од ИС во четирите општини се донесени за 47 лица, додека вчера таму се доставени изводи за умрени за уште 22 лица. Освен во овие четири општини, барања за бришење на седум лица од Избирачкиот список до 12 август има и во канцеларијата на ДИК во Демир Капија. ДИК има подрачни канцеларии во 18 поголеми општини во земјата, кои ја покриваат целата територија на Македонија.

Во подрачната канцеларија на ДИК во Кисела Вода секојдневно доаѓаат граѓани за да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список. За три дена податоците ги провериле 42 лица, но по едно барање за упис и за промена на податоци имаше и пред почетокот на јавниот увидот за референдумот, информираат за МИА вработени во подрачната канцеларија на ДИК во Кисела Вода.

Освен по основ на смрт, бришење од Избирачкиот список може да има и по основ на државјанство. Но во првите три дена од увидот во Избирачкиот список, барање за бришење од ИС по основ на државјанство немало во ниту една канцеларија на ДИК. Лани, велат од подрачната во Кисела Вода, кај нив имало само едно такво барање.

Од таму велат дека освен по службена должност, граѓаните можат да појдат сами во подрачните канцеларии на Комисијата и со уверение од матичната книга за умрени да побараат бришење на починато лица во Избирачкиот список. По основ на државјанство граѓаните тоа може да го побараат со потврда од Министерството за внатрешни работи. Оттаму појаснуваат дека доколку граѓани сакаат да променат податоци во Избирачкиот список тоа може да го направат со нова лична карта или нова патна исправа.

Во прегледот на ДИК за јавниот увид за референдумот е предвидена и графа за лица кои се провериле во Избирачкиот список, а се со поништено живеалиште. До 12 август вакви лица имало само три и тоа во Штип. Подрачните канцеларии на ДИК редовно од МВР добиваат информации за тоа колку лица има со поништено живеалиште во општините што ги покриваат. Во четирите општини што ги покрива подрачната канцеларија на ДИК во Кисела Вода во изминатиот период, според податоците на МВР има 650 лица со поништено живеалиште, но досега ниту едно од нив не се обратиле во канцеларијата. Во минатото имало случај кога поранешна сопруга пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг веќе не живее на адресата на која живееле додека биле во брак. Тој не бил информиран дека има поништено живеалиште и побарал одговор кај вработените во подрачна канцеларија на ДИК.

Вработените во подрачните канцеларии на ДИК велат дека има граѓани кои по промена на живеалиштето не ги менуваат личните документи, и оти поради тоа во одредени случаи на иста адреса има повеќе граѓани запишани во Избирачкиот список. Се случуваат и грешки во адресниот систем односно со имињата на улиците, а има и лица кои се иселени или, пак, имаат повеќе станови.

Меѓу општините каде што има најголем одѕив за увид во Избирачкиот список е Радовиш, каде до вчера проверка на податоци направиле 92 граѓани. Во подрачната канцеларија во Струмица, пак, имало 96 лица кои направиле проверка на податоците. И во Радовиш и во Струмица нема барања за бришење, упис и промена на податоци.

Увидот во Избирачкиот список трае до 23 август на полноќ. Проверката од 9 до 19 часот секој ден може да се направи во подрачните канцеларии на ДИК, а во текот на 24 часа електронски на веб страната на ДИК www.sec.mk. За референдумот за името ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список на 7 септември.

Паралелно со јавниот увид тече и пријавувањето на иселениците за изјаснување на референдумот, кое исто така завршува на 23 август.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...