Повеќе месеци сме во преговори со Здружението на матични лекари и се евалуираат можностите како од идната година да им се излезе во пресрет и да се зголеми нивниот капитациски бод, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека во разговорите се вклучени и претставници на Фондот за здравствено осигурување и сакаат да одговорат на барањата не само за зголемување на нивните примања, туку и за некои други работи кои ги бараат, а се однесуваат на промена на системот во кој функционираат. Според него, кога ќе најдат начин ќе се подобри функционирањето на тоа ниво на здравствена заштита.
– Некои промени веќе се направени за матичните гинеколози, но истовремено работиме и на утврдуваање на начинот на кој ќе ги имплементираме системските промени, а тоа е како ќе се олесни трансферот на пациентите од една ординација во друга, од еден на друг доктор, но и нешто што е многу битно и ќе го зајакне овој сегмент од здравствената заштита, а тоа е како приватните матични лекари ќе ги вклучиме во јавниот здравствен систем посебно во руралните средини каде недостигаат доктори во здравствените домови – посочи Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Спогодбата за повисоки плати во здравството.
Тој додаде дека разговараат за моделите и до крајот на годината ќе има целокупен пакет кој ќе го имплементираат во системот.