Се бара притвор за убиецот на момчето од струшко

226

Струшкото обвинителство заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи изврши увид во струшкото село Поум каде вчера беше убиено момче на возраст од 23 години. Обвинителот издаде наредби за прибирање и вештачење на пронајдените траги, како и наредба за вршење обдукција над починатото лице.

Настанот се случи околу 18.30 минути, кога на локален пат во близина на Струга со огнено оружје е пукано во сега починатиот и неговиот татко (46). Оштетените се движеле по патот со патничко моторно возило кога до нив се доближил осомничениот (22), управувајќи со друг автомобил. Осомниченото лице започнало да пука, најпрвин со пиштол, а потоа и со ловечка пушка, при што сега починатиот е смртно погоден, а неговиот татко се стекнал со тешки телесни повреди. По извршување на делото, осомничениот се дал во бегство, за подоцна самиот да се пријави во полициска станица.

Обвинителството донесе наредба за спроведување на истражна постапка поради постоење на основано сомневање дека осомниченото лице сторило кривични дела Убиство од член 123 став 2 точка 3 и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик. Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Струга ќе достави и предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...