Односот кон животната средина е регионално прашање, не е локално и затоа пристапот треба да биде регионален. Сите сме одговорни, ние како извршна власт, приватниот сектор – тие што произведуваат, но и ние како поединци, сите заедно треба да работиме за да дојдеме до решение, е пораката што ја упати министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини по денешната регионална конференција „Зазеленување на однесувањето кон животната средина во Западен Балкан” што се одржа во организација на Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА).
– Ова не е прашање кое може да се реши краткорочно, мора да се работи долгорочно. Сите заедно мора да работиме на тоа бидејќи повеќе фактори придонесуваат за тоа, греењето на домовите, енергетската ефикасност, автомобилите – рече Нуредини.
Ѓакуш Кабаши, претседател на Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА) истакна дека целта на конференцијата е со домашни и странски експерти да се подигне свеста, да покажеме, како што рече, што функционира и што е направено веќе во светот како добри практики за унапредување на животната средина, но и генерално за квалитетот на животот.
– Досега од првата сесија, од она што беше истакнато е дека пред да се оди кон промена на однесувањето треба да се видат причините за тоа конкретно однесување на луѓето, на граѓаните, а потоа да се пристапи кон нивна измена – изјави Кабаши.
Заменик амбасадорот на Велика Британија во Скопје, Доминик Отвеј, кој се обрати на конференцијата говорејќи за придобивките од зачувувањето на животната средина истакна дека не е лесно да се биде „зелен“, а во Обединетото Кралство поминале години со предизвиците, подвлече, поврзани со животната средина.
– Препознавме дека сите сме одговорни за животната средина. Тука во АМбасадата работиме на тоа како да ги подобриме нашите активности, колку хартија користеме, возилата кои ги користиме, какви материјали се користат и какви кеси купуваме кога одиме во супермаркет – рече меѓу другото заменик амбасадорот Отвеј.
Тој информира дека работат со Владата на РС Макеоднија за Национална енергетска стратегија што може да предложи одржливи решенија, но и со Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата. Апелира луѓето да бидат поодговорни за животната средина и да се справат со прашањето сами отколку да чекаат други да го направат тоа за нив.
Во дискусиите на конференцијата учествуваат 12 домашни и странски експерти кои дејствуваат во различни аспекти на заштитата на животната средина. Меѓу говорниците од целиот регион, како и од Велика Британија и од Мексико, првпат кај нас ќе се обрати и претставник од Гринпис Бугарија, огранокот на престижната меѓународна организација која го покрива регионот.