Серена Вилијамс откри дека една минута пред натпреварот против Јоана Конта пред две недели, кој потоа го загуби со 1:6, 0:6, таа добила ужасна вест. Станува збор дека мажот, кој е осуден за убиство на нејзината полусестра, бил ослободен со кауција.
Сестрата на Вилијамс, Јетунде Прајс беше убиена во 2003 година на 31 година.
Малку по веста за ослободувањето на обвинетиот, Серена беше на терен во натпревар од првото коло на турнирот во Сан Хозе и загуби убедливо од Конта, што беше и најтешкиот пораз во нејзината професионална кариера.
– Не можев да се ослободам од мислите – изјави носителката на 23 Гренд слем титули.
Во април 2006 година, Роберт Максфилд беше осуден на 15 години, а Серена беше во судницата да ја чуе пресудата.
– Сепак, сестра ми нема да се врати за добро однесување – рече Вилијамс.
Прајс беше застрелана во Комптон, Лос Анџелес, а во тоа време нејзините три деца беа на 11, 9 и 5 години.
– Не е фер што таа нема да може да ги прегрне. Беше тешко, бидејќи сè за што мислам се нејзините деца, она што значат за мене и колку многу ги сакам – додаде Серена.