Американскиот политички експерт Даниел Сервер изјави дека ставот на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик на постои не треба да се земе здраво за готово, укажувајќи дека тоа не треба да биде услов за старт на преговорите за членство во ЕУ.
Сервер е професор на вашингтонскиот Универзитет за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“ и добар познавач на работите на Балканот.
-И што? – одговори тој на барањето од МИА да коментира за ставот на БАН дека македонскиот е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик.
– Британците никогаш официјално не признале американско-англиски јазик. И што со тоа. Јазикот сè уште постои. Јас секогаш вклучувам суптитли кога гледам телевизиски програми од Велика Британија, изјави тој.
Додаде дека народите на Балканот треба да продолжат да живеат со тоа.
-Доколку постојат некакви полемики, тие треба да се решат пред самото зачленување, а не пред почетокот на претпристапните прговори на Северна Македонија со ЕУ, изјави Сервер.
На прашање од МИА како ја коментира одлуката Нобеловата награда за литература да биде доделена на Петер Хандке, австриски писател кој го има величено ликот и делото на Слободан Милошевиќ и го негира масакрот во Сребреница, тој изјави дека Нобеловиот комитет ги посрамотил намерите на неговиот основач.
-Какви и да се книжевните остварувања на Хандке, за кои не сум меродавен да судам, нему не требаше да му се додели наградата. И Хитлер создаваше добро сработени документaрци, како „Триумф на волјата“, па дали некој би му доделил Оскар?, запраша реторички Сервер.