Дури 36 степени Целзиусови биле измерени вчера во градовите во јужниот регион во земјата, во Скопје 34, а жолтата фаза на опасност од високи температури продолжи и денеска. Ќе здивнеме малку дури од попладне, кога ќе почне да дува северен ветер, а ќе смрзнеме малку повеќе в сабота и в недела кога минималните, утрински температури ќе се спуштат дури до нулата!
Дали овој септември е меѓу најтоплите досега, од кога се мерат температурите?
– Првата декада од месец септември 2019 година се категоризира како многу топла декада, освен мерното место Скопје кое се категоризира како топло, според досега измерените вредности. Досегашните највисоки вредности на температурите на повеќето метеоролошки станици во месец септември не ги надминуваат многугодишните апсолутни температури, но ги надминуваат многугодишните просечни вредности – изјави за Плусинфо, Сузана Алчинова Моневска, раководителка на одделението за климатологија и климатски промени во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Таа додава дека, споредено со историските податоци од архивата на УХМР, според средните месечни температури, во последните десет години особено топол септемви бил регистриран во 2011, 2012 и 2015 година.
– А септември, да потсетиме, е есенски, не летен месец, според годишната поделба на 4 сезони, заедно со октомври и ноември, а декември, јануари и февруари се зимски месеци. Важно е да се напомене и локалниот недостаток на врнежи во изминатите месеци и високата веројатност за појава на суша во наредниот период, особено во западниот дел од земјата – вели Алчинова Моневска.
9. септември најтоплиот ден во Европа!
Кон крајот на месец август дојде до развој на топлотен бран над јужната територијата на Европска Русија и Казахстан, со повисоки температури од вообичаените за 4 до 6 степени. Проширената област на влијание на топлотниот бран ги зафати и Јужен Кавказ, Украина, Белорусија, Балканскиот полуостров, како и Унгарија и Словачка, каде температурите беа повисоки до 4 степени. Температури повисоки за 8 степени беа регистрирани во Романија и Молдавија.
Во почетокот на септември, топлотниот бран се прошири и кон исток и југ, предизвикувајќи појава на температури на Балканскиот полуостров кои се невообичаено високи. Дневни максимуми кои се повисоки од 35°С се регистрирани во јужните области на Балканот, Грција и западна Турција.
9. септември годинава е најтоплиот ден во европски размери, според измерените највисоки температури за септември.
Во мрежата на метеоролошки станици на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Северна Македонија, во текот на месец септември оваа година, се регистрирани следните максимални дневни температури на воздухот: Демир Капија 35.5 степени Целзиусови, Гевгелија 37.1, Скопје 34.0, Битола 32.7, Охрид 29.5 степени.