Ја знаете поучната приказната за Александар и Диоген? А!? Можеби….
Тогаш, да се потсетиме на старата легенда:
Александар Велики, откако го освоил до тогаш познатиот „свет“, отишол да се сретне со, во негово време, најголемиот мислител, филозоф, Диоген. За кого се знаело дека целиот свој живот го минал живеејки во буре, без никакви материјални потреби… Значи, бурето не била негова нужност, ниту негов каприц, туку тој го живеел она што го „проповедал“. Диоген бил циник и е зачетник на цинизмот не само како филозофски ракурс – туку и како „начин на живеење“!
Но, да не ја должам, оти, нели, ова не е „старо-грчки плоштад“, туку ФБ.
Битно е уште да се знае дека единственото нешто што го поседувал Диоген, бил „фенер“, (некои велат „свеќа“ ), со кој “прометејски пламен“ тој го крстосувал античкото тло, барајки межу луѓето – човек!
Александар му пристапил на Диоген, полн и надмен како мисир, преставувајќи му се како „господар на световите“! При тоа му се понудил, како на најзначаен мислител во царството, да му исполни било каква желба. Потенцирајки дека не постои барање кој тој, со својата неприкосновена моќ на неголвиот „крвав меч“, нема да може да му го исполни.
– Тогаш, тргај се од тука, со сенката ми го криеш сонцето!
Александар, слушнал но не чул, чул но не верувал во слушнатото… Та како ништо да не се случило, ја повторил понудата, очекувајки, всушност обидувајки се да понуди – дворец наместо буре, светилиште наместо „светулка“, со благодет на златото да ја покрие голотијата на Диоген.
– Та нели се понуди, преставувајки се како се моќен!? Ако е така, мене ми треба само сонце и неговата светлост, а ти си сенката врз сјајот сончев кој го поседуваме сите – а никој никогаш нема да го има, најевтиното – а видиш најскапоцено излегува дека е! – рекол Диоген.
– Јас сум Александар Велики!
– „Господару на световите“, го можрш ти тоа – едноставно е – исчекор наназад.. Одалечи се на само уште чекор од мене, оти вака твојата „сенка“ го затскрива „моето“ сонце, сонцето кое подеднакво нѐ грее сите нас – не правејки разлика помеѓу „голем“ и „мал’. Знаеш, тешко е, не можеш да ме разбереш, но и мене не ми е полесно кога талкам и талкам, барајки човек… Џабе фенерот, џабе пазарски турканици или дворски забави и гозби, човекот го нема – го нема човекот во човекот! Знаеш Велики, според мене, велики би требало да го наречат „ослободителот на световите“, а не „поробувачот“. Нема да разбереш, токму затоа ти го кажувам ова – завршил циникот.
– Значи, избери подарок, кажи желба – или вечно кај се за пропуштената можност! – низ заби процедил Аце.
– Та, разбери го кажаното. Едноставно барам да не ми правиш „сенка“. Барам да се потргнеш, оти му пречиш на сонцето да ме грее, ми пречиш мене да ја имам топлината на сонцето.
Тоа е единствено нешто што ми е потребно од тебе и единствено нешто што ти го поседуваш а мене би ми било од било какво значење, сето останато што ти го поседуваш е безвредно во моите очи, целата твоја гордост, од ризници, одземени круни, поробени царства – тоа што го постојано го полни твоето око, но тоа – алчното, никогаш сито нема да биде!
П.С.
Александар на коњ (маскиран во воин). Зарем не сеќавате колкава сенка, колкава темница, фрла оваа накарадност од асиметрична креатура? Барем да не беше кич, шунд, архитектонско-скулптурен срам на 21 век без преседан. Барем да беше поставена скулптура која ќе содејствува со векот во кој живееме и ќе беше уметничка визура, творба на уметник и негов печат, визурата(!) – како тој го гледа Александар – а не да накалемат „фалусовиден“ репликант, со сите атрибути на мачоизам, фашизам. А јагода врз шлагот – „Воинот“ е од „мермер“ кој не е баш мермер, туку повеќе е стиропор и бронза, која е некаква евтина легура премачкана со „бронзена боја за чунци“.
Сенката! Зар не го чувствувате тоа затемнување (се сомневам дека е намерно), навлезено во историјата, образованието, културата, во во кинењето на битието, на вистинските корени, врз кои овој народ со векови си ја растел и негувал сопствената државотворност? А за возврат, калемење на „палми“ врз „гроздови фиданки“, обид за криво сраснување и коренување на збунетиот и затечен народ, таму далеку, во време на легендите, на Олимп, во преданијата – кои се прекрасно четиво, но не се ниту можат да бидат наш корен, на нас Словените, на нас кои ги имаме описменето сите словенски држави – од Криволак до Сибир!
Одолжив! ФБ не трпи вакви писанија – асоцираат на книги, та на многумина им се будат фрустрации од училиште или од фалкутет во Прилеп. A пред да започнам, сакав само да напишам – уривајте го „Воинот“, оти колку подолго фрла сенка, толку подолго ќе го затскрива сонцето, она Сонцето на слободата!
Југослав Петровски
(постот е преземен со извесни скратувања)