Блиски членови на семејството на експремиерот Никола Груевски не се повикани да сведочат пред обвинителството за неговото бегство, а телохранителите кои го обезбедуваа се веќе сослушани.
Ова го кажа обвинителката Вилма Рускоска во денешната изјава за медиумите. Таа најави дека и во текот на оваа недела ќе се сослушуваат нови сведоци, а кога ќе има повеќе детали кои може да се соопштат, од обвинителството ќе излезат во јавност.
Во врска со овој случај, како што веќе објавивме минатата недела, надлежните служби во Република Албанија конечно ги прибрале доказите кои ги бараше македонското обвинителство. Албанските органи минатата пред десетина дена испратиле известување дека ги обезбедиле потребните докази кои Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по повеќекратни ургенции ги бараше преку меѓународна правна помош.
Доказите од Албанија се дел од оние кои надлежните очекуваа да бидат собрани откако пред повеќе од еден месец беа побарани видео материјали и други докази како од оваа држава, така и од Црна Гора. Црногорските органи уште во декември ги информираа македонските дека ги собрале видео снимките од надзорните камери и претставници од Македонија беа да ги подигнат.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI