Селебрити активисти

Тие не постојат надвор од кадарот. Живеат свои животи во објективите, меѓу лажните огледала. Сите тие учествуваат во некој проект. Конкурсот за професионални левичари никогаш не се затвора.

806

Како тоа ние, вака неосвестени, неорганизирани, малубројни и неискусни во активизмот, станавме закана за големите “левичари” кои управуваат со државата? Веднаш признавам дека не сме оделе на нивните курсеви за млади бунтовници. Немаме дипломи и сертификати дека сме школувани активисти. Многу сме испуштиле не посетувајќи ги школите за млади револуционери/ки. Така, всушност, и стасавме пред нишанот на професионалните активисти/ки, трговците со убедувања, кои радо би нè беселе нас и сличните на нас.

 

Нивните блокади беа лоши проби на уште полошите симулации на бунтовност. Познато е дека “протестирањето” е најчеста форма на активизам, со единствена цел самопромоција и наметнување на фондовите, со цел подоцнежна политичка кариера. Нивните идејни паради се непоткрепени со нивното делување, бидејќи кај нив сè се сведува на класична патка и перформанс, како ултимативно средство за политичка борба.

 

Бројните крупни капиталисти со децении се служат со идеолошка мимикрија за да го амортизираат револуционерниот потенцијал на незадоволните маси и да го пренасочат во меандрите во кои тој наизглед ќе се изнедри, но лесно ќе се пренасочува и манипулира.

Неолиберализмот делумно се маскираше под плаштот на грижата за социјалниот мир, па се обиде во постмодернистички манир да создаде левица по своја мерка. Не сме по ничија мерка и ќе останеме на линијата без меѓусебни директиви и хиерархија на некаква левица.

 

Инаку, таканаречените селебрити активисти не постојат надвор од кадарот. Живеат свои животи во објективите, меѓу лажните огледала. Сите тие учествуваат во некој проект. Конкурсот за професионални левичари никогаш не се затвора. Како што некој ја провлекува картичката низ машината кога оди или се враќа од работа, уредно се овековечуваат со некоја камера со врвна резолуција додека парадираат по улицата носејќи мегафони, палестинки и знамиња од некоја левичарска невладина организација.

 

Најголемата исклучивост е меѓусебна: лактање и туркање за да се заземе што подобра поза во што подобар кадар. Ретките медиумски извештаи не се доволни, секој мора уредно да го документира своето присуство и својата борба за работничката класа, па целата поворка се претвора во голем првомајски селфи парти. Потоа следува меѓусебно споделување, тагирање, коментари и лигавење по социјалните мрежи. Со тоа зададената проектна форма се исполнува со посакуваната содржина. Целосната автархија на маргинализираната сцена доведува до давење на секоја борба во самодоволноста на претставата која ја играат.

 

Опсесија им е развивање на глумачките вештини и личните добивки, а секоја идеја им е средство за себепромоција. Толку се револуционерни, што не се двоумат на профилна слика да се закачат себеси од протести во некаков револуционерен фрејм.

 

А во суштина, сè што треба е да се следи е текот на парите. Овдешните левичари функционираат по принципот на проектно финансирање. Следствено на тоа, тие се пред сè ловци на фондовски и општествени позиции. Се борат најмногу за себе и ги користат сите средства кои во таа арена им се овозможени. Патот до фондовските пари им е поплочен со вистински тешката материјална состојба на работничката класа, над чиј претоварен грб со својот активизам они собираат дивиденда од матичниот фонд.

 

Неодамнешните протести во Париз и Берлин, на пример, беа радикално различни од сè што тука кај нас некогаш се случувало. Учесниците го криеја својот идентитет, потиснувајќи ја личната промоција и колективното го ставаа на прво место. Учесниците на тој протест ги бојкотираат сите избори, наведувајќи дека не сакаат на ниеден начин да го легитимираат постоечкиот империјалистички систем. Тие се тука за работниците, студентите, мигрантите. Тие се тука да го преобликуваат светот.

 

Нашите леви организации се претворени во лакеи на капитализмот, редовни посетители на западните амбасади, каде редовно одат по инструкции.

 

Балонот е пред пукање. Веќе премногу од нив се во трка за фондовски пари, а нови леви организации никнуваат секој ден како печурки после дожд и секоја се гордее и лакта да биде признаена како автентичен носител на работничката борба. Поддршката евидентно се намалува и и штети на левата идеја воопшто на Балканот. Баш тоа е и целта на центарот којшто со “запалливи револуционерни проекти” ја одржува јаловоста на незадоволните левичари далеку на капиталистичката периферија. Со децении веќе се нижат трибини, панел дискусии, се сменија милиони револуционерни Power Point слајдови, а многу од презентерите и предавачите преку нив добро се ухлебија.

 

На нападите од десно се навикнати, тие напади ги хранат, како идеолошки, така и фондовски – што се позагрозени, тоа се подраги за фондовите. Затоа треба со рафали да се опсипат од вистинското, изворното лево, она на работниците и да се испратат во историјата, таму каде што одамна им е местото.

 

(ФБ статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...