Денес кога ја донесуваме оваа декларација, гордо констатираме дека сме дале максимален придонес, земјата да ја ориентираме кон сојузи со држави и земји за кои слободата, достоинство, правото, напредокот и економскиот развој се во суштината на нивното постоење, соопшти Алијансата за Албанците по одлуката да го поддржат референдумот.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села по двочасовната дебата на централното собрание на партијата, рече дека донеле одлука да го поддржат референдумот, закажан за 30 септември, но дека имаат забелешки за потпишаниот договор со Република Грција.
– Ниту Владата на Македонија, ниту пак Владата на Грција немаат легитимитет да решаваат за националноста и јазикот на граѓаните. Ние конкретно имаме забелешки на овие две точки од договорот со Грција – рече Села.
За најавениот блок, кој ќе се формира за спроведување на кампањата за поддршка на референдумот, од албанските партии, Села истакна дека ова е блок формиран од Владата, на кој нема се уште донесено одлука дали партијата ќе се приклучи. Тој додаде дека со спроведувањето на кампањата за референдумот, ќе говори за сето она што Владата го има направено досега заедно со политичките партнери.
– Доколку им одговара оваа наша агенда да говориме за досегашното сработено на Владата и албанските партнери, тогаш можеме да седнеме на заедничка маса за спроведување на кампањата. Но доколку не се согласат на тоа, кампањата ќе ја водиме одделно – порача Села.
Тој изјави дека не му е важно колку пари ќе добијат од вкупната сума која Владата ја дава на Собранието, за спроведување на капањата за референдумот, бидејќи, како што кажа, партијата не е за продавање.
Алијансата потенцира дека веруваат, ќе веруваат и никогаш нема да се откажат од изградбата на модерна држава со нови стандарди базирани на принцип на отчетност, владеење на правото, недискриминација.
– За жал, заедно со заминувањето на еден режим почнаа првите почетоци за изградба на нов режим. Со логиката дека само корумпиран албански политичар е подобен за продолжување на сесловенскиот хегемонистички план, чија крајна цел е испразнување на земјата од автоктоното албанско население, новата влада предводена од г. Зоран Заев ја заштити, ја одбрани и ја брани од одговорност другата половина од поранешниот режим, а тоа е ДУИ, иако доказите за нивното учество во коруптивни афери се ногубројни, соопшти партијата.
– За Алијансата за Албанците, занемарувањето на Албанците од државниот поредок на Македонија и нивното исклучување како државотоврен елемент, тенденција забележана во договорот со Грција, не може да се толерира а воедно е и опасно.
Го повторуваме нашиот став против член 1, став 3 точка б и в и член 7 точка 4 од договорот со Грција, односно во делот кој се однесува на националноста и државниот јазик, стои во соопштението.