Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, испрати „Нон пејпер“ до Фредерика Могерини, Јоханес Хан и со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во кој изразува загриженост за недостатокот на подготвеност на Владата да преземе доволно мерки за владеење на правото и за исполнување на барањата на ЕУ.
Претседателот Села во документот „Напади на СДСМ – ДУИ врз владеењето на правото, кршење на европските вредности во име на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ”, истакнува сериозни забелешки за Владата која покажа неуспех во клучните прашања во врска со демократските и процесите за интегрирање на земјата кои се клучни за препораките на ЕУ за добивање на датум за преговори на Северна Македонија – велат од Алијансата за Албанците.
Оттаму ги нагласуваат и клучните препораки од ЕУ за кои ја критикуваат власта, а тоа се: одговорноста за нападот на 27 април 2017 во Собранието; реформите во судството и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и високото ниво на криминал откриени од незаконското прислушкување; реформата на службите за разузнавање и безбедност и реформа на јавната администрација.
Во „нон пејперот“ Села се пофалил и за конструктивната улога на Алијансата преку гласањето за уставните измени.