Села вечерва ќе пресече со кого ќе трча на изборите

Неофицијално, најреална е опцијата за предизборна коалиција помеѓу Алијансата на Села и Алтернатива на Африм Гаши, откако Беса во минатата недела и официјално го повика Села да се произнесе за можноста од трипартиска коалиција.

395

Алијансата за Албанците вечерва на Централно претседателство се очекува да пресече како ќе истрча на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април. Од партијата на Зијадин Села официјално велат дека на маса се три опции, односно на изборите да одат во трипартиска коалиција – Алијанса, Алтернатива и Беса, предизборна коалиција само со една од партиите и самостоен настап на изборите.

Неофицијално, најреална е опцијата за предизборна коалиција помеѓу Алијанса на Села и Алтернатива на Африм Гаши, откако Беса минатата недела и официјално го повика Села да се произнесе за можноста од трипартиска коалиција. Паралелно со ова, Алтернатива брифира дека во финална фаза се преговорите со Алијансата за заеднички настап на изборите.

Од Алијансата за Албанците ги негираат изјавите на Беса дека по првичниот повик за трипартиска коалиција упатен пред повеќе од еден месец, немало средби на ниту едно ниво помеѓу двете партии.

Од партијата на Села велат дека имало комуникација и помеѓу Села и лидерот на Беса Билал Касами, но и состаноци помеѓу работните групи.

– Централното претседателство ќе расправа за можна предизборна коалиција. На маса се три опции: коалиција помеѓу трите партии, коалиција со една од партиите и самостоен настап. Можно е вечерва да има одлука како Алијансата ќе настапи на изборите – вели функционер од партијата на Села.

Оттаму брифираат дека доколку се оди на предизборна коалиција, поделбата на застапеноста на кандидатите на пратеничките листи ќе биде 50:50. Ова значи дека половина од кандидатските листи за пратеници ќе ѝ припаднат на Алијансата, додека втората половина, ако има трипартиска коалиција, ќе треба да ја делат Алтернатива и Беса. Ако се оди на коалиција само со една партија тогаш поделбата на колачот ќе биде 50:50.

Сепак, според последните брифинзи очекувањата се дека на изборите заеднички ќе настапат Алијансата и Алтернатива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...