Сексуалните работници маршираа во Скопје за поголеми права

Зошто треба да работиме во страв да бидеме малтретирани, злоупотребувани и игнорирани од општеството. Зошто не барате, а не не препознавате. Ние сме ја одбрале сексуалната работа како најдобра опција да заработуваме за живот и никој не треба да ни го одзема правото на слободен живот - порача една од учесничките на маршот на црвените чадори.

733

Сексуалните работници традиционално по 12-ти пат денеска во Скопје маршираа за поголеми права, еднаков третман пред законите и почитување на нивното право на слободен избор.

Маршот на црвените чадори започна од пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија, се движеше по плоштадот и камениот мост и заврши пред зградата Ибни Пајко. Тие бараат измени на законските регулативи кои ги криминализираат сексуалните работници.

После 12 години стигмата, дискриминацијата и насилството врз сексуалните работници се уште постои, а, како што порачаа учесниците на маршот, инстуциите и стручната јавност продолжуваат да бидат глуви и слепи за нивните барања.

– Зошто треба да работиме во страв да бидеме малтретирани, злоупотребувани и игнорирани од општеството. Зошто не барате, а не не препознавате. Ние сме ја одбрале сексуалната работа како најдобра опција да заработуваме за живот и никој не треба да ни го одзема правото на слободен живот – порача една од учесничките на маршот на црвените чадори.

Посочуваат дека анализите на граѓанските организации, во 2018 година биле документирани 100 случаи на насилство врз сексуални работници, додека во 2019 година бројот е помал, но тоа не се должи на позитивните промени, туку на обесхрабреноста и немањето доверба во институциите.

– Најголем дел од нив, односно 34 случаи се во домот на сексуалните работници. Тоа значи дека сексуалните работници не се безбедни ниту во сопствените домови. Документирани се 26 повреди на трасн жени сексуални работнички, кои дополнително се соочуваат со насилство мотивирано од омраза поради родовиот идентитет – изјави една од учесничките на маршот.

Маршот е во организација на граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР, во рамки на кампањата за одбележување на 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...