Секој 10ти корисник на социјалните мрежи со знаци на анксиозно депресивна состојба

Анксиозноста е поврзана и со стравот од исклучување од активностите на другите, а резултира со постојаната потреба за виртуелни контакти со другите и следењето што прават другите на социјалните мрежи. Автоагресивното однесување и социјалната дисфункционалност се поврзани токму со се поголемата присутност и влијание на виртуелната реалност, вели директорот Бајрактаров. 

235
Photo: EPA / RUNGROJ YONGRITRUNGROJ YONGRIT

Притисокот што го налага новиот начин на живот, посебно по појавата на социјалните медиуми создава основа за развој на депресија особено кај младите на возраст од 15-24 години.

Ова е пораката на докторите од ЈЗУ Универзитетска Клиника за психијатрија – Скопје на Светскиот ден посветен на менталното здравје.

– Од исклучителна важност е раното детектирање на проблемите кај младите кои сѐ  повеќе се под притисок на влијанието и прекумерната употреба на социјалните медиуми, големото количество на информации кои не се слика на реалноста и создаваат услови за повлекување на младите, социјална изолираност и чувство на неприфатеност. Сѐ почести се случаите на училишен мобинг, не толку присутен во минатото, вели д-р Стојан Бајрактаров,  директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника за психијатрија – Скопје

Според него, депресијата кај младите треба да се препознае и навреме да се третира, таа е излечива.

– Веројатноста да се појави анксиозно-депресивна симптоматологија кај адолесцентите поради претераната употребата на социјалните медиуми и интернетот и отуѓеноста која тие ја создаваат, расте пропорционално на интензитетот на зависноста од овие медиуми. Според стручната практика, сѐ повеќе млади во периодот од 15 до 24 години покажуваат склоност кон прекумерна употреба на интернет или покажуваат знаци на зависност кои често водат до депресија. Ваквиот начин на живеење, претераната употреба на друштвените мрежи, намалено родителско внимание, може да се појави таканаречен страв од исклученост или fear of missing out. Анксиозноста е поврзана и со стравот од исклучување од активностите на другите, а резултира со постојаната потреба за виртуелни контакти со другите и следењето што прават другите на социјалните мрежи. Автоагресивното однесување и социјалната дисфункционалност се поврзани токму со сѐ поголемата присутност и влијание на виртуелната реалност, за што секако има удел и злоупотребата или претераното користење на електронските уреди и друштвените мрежи, додаде директорот Бајрактаров. 

Според некои истражувања, секој 10ти корисник на социјалните мрежи, покажува знаци на анксиозно депресивна симптоматологија.

– Важно е да се напомене дека оттуѓувањето, изолацијата, намалената комуникација меѓу луѓето и чувството на осаменост се силно асоцирани со суицидално однесување и токму тука институционално треба да реагираме во превенција и зголемување на свесноста за сериозноста на овој проблем. Постоењето на стигма поврзана со менталните растројства и самоубиството, подразбира дека многу луѓе кои планираат да извршат или веќе извршиле обид на самоубиство не бараат соодветна помош и не ја добиваат помошта која им е потребна. Потешкотиите во превенцијата на самоубиство главно потекнуваат од ниската свест за самоубиство како битен здравствен проблем како и постоењето на табу во општеството  отворено да се зборува за тоа, вели директорот Бајрактаров.  

Во Македонија 121 самоубиства, третина кај млади до 35 години

Земајќи предвид дека во светски рамки самоубиството е водечка причина за смрт во старосната популација меѓу 15 и 29 години, веднаш по сообраќајните несреќи, се согледува потребата од превенција. Во глобални рамки, околу 800 000 луѓе во светот умираат секоја година како резултат на самоубиство, што би значело едно лице на секои 40 секунди. Во Македонија во 2018 година се регистрирани 121 самоубиства од кои 35 на млада возраст од 15 до 35 години. 

Д-р Бајрактаров додаде дека иако постои силна врска помеѓу самоубиство и ментални растројства (најмногу депресија, злоупотреба на алкохол, психотични нарушувања), факт е дека дел од самоубиствата се случуваат импулсивно, во моменти на криза, со пад на можностите на човекот да се справи со стресови, осаменост, изолираност, како и финансиски проблеми, хронични болести, загуби, насилство, интерперсонална злоупотреба.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...