Секој четврти пациент со дијабетес страда од дијабетична ретинопатија

Токму овој апарат ќе ни послужи за ран скрининг на пациентите, а со самото тоа што сме и во Интернационалната федерација за дијабетес ќе бидеме дел и од нивната голема дата база на податоци и ќе имаме многу релеватни податоци за тоа каква е состојбата со дијабетичната ретинопатија во нашата земја, додаде Јовановска Мишевска.

232

Апарат за скрининг (рано откривање) на дијабетична ретинопатија, која претставува оштетување на ретината на окото како компликација од дијабетес, доби Центарот за дијабетес при Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички процеси. Апаратот е донација од Интернационалната федерација за дијабетес.

Директорката на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички процеси, Саша Јовановска Мишевска, на денешната промоција на апаратот истакна дека генерално со дијабетес тип 2 во државава има околу 160.000 пациенти и ако на светско ниво еден од четири пациенти после десет години развие дијабетична ретинопатија, нивниот број е фрапантен.

Таа рече дека се препорачува скринингот за дијабетична ретинопатија да се направи најрано пет години по дијагностицирањето на дијабетес тип 2 и доколку тој преглед е во ред, наредниот преглед би требало да биде најрано за една година.  Изрази задоволство од донацијата, бидејќи како што посочи, имаат можност да се вклучат во едно меѓународно семејство на специјалисти кои се грижат за пациентите со дијабетес тип 2.

Потенцира дека ќе имаат можност да воспостават една добра база на податоци за сите пациенти и за тоа каква е состојбата со нивните очи, со цел да ја спречат појавата на слепило кај нив. Оваа дијабетична ретинопатија како компликација од дијабетесот, појасни, најлесно може да се спречи со ран скрининг.

– Токму овој апарат ќе ни послужи за ран скрининг на пациентите, а со самото тоа што сме и во Интернационалната федерација за дијабетес ќе бидеме дел и од нивната голема дата база на податоци и ќе имаме многу релеватни податоци за тоа каква е состојбата со дијабетичната ретинопатија во нашата земја, додаде Јовановска Мишевска.

Претседателот на Националното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија проф.д-р Татјана Миленковиќ истакна дека Клиниката, која пред една година од Интернационалната федерација за дијабетес е прогласена за Центар за посебност или исклучителност за својата работа, доби фундус камера со која на многу прецизен начин се добива фотографија од очното дно и може да се прави еден генерален скрининг за рано откривање ретинопатија кај пациентите со дијабетес.

– Предноста на овој апарат е во тоа што може обучено лице кое не мора нужно да биде доктор значи средно медицински персонал, да направи фотографија на очното дно во тесна зеница на голем број пациенти, а потоа докторот само да ја прегледа и да издаде резултат, додаде д-р Миленковиќ.

На промоцијата на апаратот присуствуваше и претседателот на Интернационалната федерација за дијабетес, проф. Нам Чо од Јужна Кореја, кој рече дека десеттина години по дијагностицирањето на дијабетес секој четврти пациент страда од дијабетична ретинопатија и практично кај нив има голема опасност за појава на слепило.

– Единствениот начин за да се спречи оваа состојба е да се скринира и да се дијагностицира ретинопатија во многу ран стадиум од развојот на дијабетесот. Видот е многу важен, затоа сакаме на овој начин да ја превенираме ретинопатија, а донирањето на овие фундоскопи и работата со нив е најважна за превенција или за спречување на развојот на дијабетичната ретинопатија. Интернационалната федерација за дијабетес сака да донира уште три вакви фундус камери кои ќе бидат распоредени низ поголемите центри за дијабетес во Македонија, за да биде посеопфатен скринингот за дијабетична ретинопатија, додаде Чо.

Во врска со тоа како досега се одвивале прегледите, директорката на Клиниката рече дека досега пациентите биле прегледувани со рачен офталмоскоп и докторот рачно може да ја види сосстојбата на окото на пациентот и без да има можност да има запис, а со оваа камера, како што појасни, има можност да се добие убава слика на очното дно која ќе биде внесена во дата база и ќе може со тоа на следниот преглед да направат споредба дали напреднала болеста.

– Во рамки на Центарот работи офталмолог кој работи исклучиво со пациентите со дијабетес тип 2 и секој од специјалистите кога ќе дојде пациентот на преглед го упатува кај него на преглед, посочи Јовановска Мишевска.

Таа додаде дека од апаратура од аспект на рано откривање на дијабетични компликации им недостига апарат за окуларна кохерентна томографија кој го има на Клиниката за офталмологија.

Донација на апаратот за скрининг (рано откривање) на дијабетична ретинопатија е резултат на долгогодишната соработка на Националното здружение на ендокринолози и дијабетолози и Македонската дијабетолошка асоцијација со Интернационалната федерација за дијабетес. Со апаратот треба да се направат повеќе од 1.500 прегледи годишно кои ќе бидат директно испратени до светската дата база создадена од Интернационалната федерација за дијабетес.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...