Секој трет може да развие бубрежна болест, откријте дали сте во ризик

345

Секој 10. жител има одреден степен на бубрежна слабост, а кај секој трет постои опасност да развие и бубрежна болест. Високиот крвен притисок, дијабетесот, дебелината се главни ризик фактори за појава и развој на овие заболувања, заедно со гломеруларните и автоимуни, затоа е неопходно рано откривање за да се издвојат високо ризичните групи кои може да развијат бубрежна слабост, вели д-р Ирена Бушљетиќ, в.д. директорка на Клиниката за нефрологија по повод денешниот Светски ден на бубрегот – 14. Март.

Во поликлиниките и болниците, со едноставни уринарни тестови, како и со крвни анализи на уреа и креатинин, достапни преку Фондот за здравство, треба да се издвојат високо ризичните групи болни и навреме да се делува на зголемениот крвен притисок, дијабетесот, како и на намалување на телесната тежина. Со тоа, како што нагласи д-р Бушљетиќ, би се намалил бројот на пациенти кои може да се најдат во напредната фаза на бубрежна болест, која се лекува со дијализа и трансплантација.

Д-р Петар Дејанов, нефролог од Клиниката за нефрологија, предупреди дека порано 20 отсто од бубрежно болните биле дијабетичари, а сега тој број нагло расте и дури 30 отсто од болните кои се на дијализа се со шеќерна болест.

На дијализа се повеќе од 1.600 пациенти во целата земја, а дел од нив, кои имаат среќа успешно да им бидат пресадени бубрези, не зависат понатаму од апаратот за пречистување на крвта.

Проф. д-р Гоце Спасовски, нефролог од Клиниката за нефрологија, предупреди дека по 40тата година се губат 1 до 2 милилитри од бубрежната функција.

– Секако, не е исто кога зголемен креатинин ќе се покаже кај 40-годишник и кај лице на 70 години. А дури 30 отсто од населението се во фаза 3 и 4 на бубрежна слабост,  од вкупно 5 фази на болеста – додаде д-р Спасовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...