Различни толкувања и реакции во земјава предизвика промовирањето на слоганот „Macedonia the GReat“ од страна на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис минатата недела во Солун.
Министерството за надворешни работи излезе со реакција дека тоа ја поткопува меѓусебната доверба, додека експерите велат дека за трговските марки потребна е заемна согласност и од македонска и од грчка страна.
Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека секој има право да истакнува слогани, но Меѓународната експертска комисија формирана согласно Договорот од Преспа ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија.
Ѓорѓи Филипов, шеф на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, вели за МИА дека досега не постои пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија (фирма) во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост (EUIPO) или на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) (Маридски договор или Мадридски протокол) со спомената ознака.
– Тоа значи дека не можела да биде предмет на разгледување, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од Меѓународната група на експерти, ниту пак на целата група во која има член(ови) од (WIPO), а се очекува именување и на член(ови) од ЕУИПО – рече Филипов.
Тој потсети дека Меѓународната група на експерти е формирана на 18 јуни 2019, а првата седница ја одржа на 22 јуни во Скопје и за нејзината работа има и соопштение кое се наоѓа на веб-страните на двете министерства за надворешни работи, грчкото и македонското.
Тој наведе дека во најскоро време се очекува одржување и на втората седница.
– Во меѓувреме и на двете страни се оддржуваат консултации, договарања, се пласираат предлози како да се работи бидејќи главни протагонисти треба да бидата деловните заедници од Северна Македонија и Република Грција, на кои, Меѓународната група на експерти им стои на располагање како советодавно тело кое се грижи работата да се одвива во согласност со Спогодбата од Преспа и меѓународното право, а во контекст на европските директиви за ова подрачје – вели Филипов.
Тој истакнува дека индустриската сопственост, каде спаѓаат и трговските марки е приватна сопственост и затоа постои одредба во Спогодбата во Чл. 1.3.ж, во која се вели дека ништо нема да се промени додека двете страни не се усогласат со решенијата. И грчкото и македонското законодавство се целосно усогласени со препораките на ЕУ.
– Деловните заедници, стопанските комори разменија писма со намери да се соработува кон правилно разрешување во духот на добрата деловна практика и Спогодбата од Преспа. Не ми е познато дека се одржани официјални средби, а контакти, разговори и подготoвки се случени и се постојани. Времето за решавање на оваа прашање во согласност со Спогодбата е три години од отпочнување на работата на групата, значи до крајот на летото 2022. Од отпочнувањето на работата, практично се поминати 4-5 месеци – вели Филипов за МИА.
Тој појасни дека Меѓународната група експерти им дава извештај за работата на Високиот Совет на Владите и на Комитетот на министри (еднаш годишно) и оти веројатно првиот извештај ќе биде во текот на првиот квартал од 2020 година.
– Во врска со слоганот “Macedonia is GReat”, не сум овластен јас, ниту кој било друг член од грчка или македонска страна, ниту пак некој од претставник од меѓународните организации да даваме коментари во име на Меѓународната група на експерти. Доколку биде пријавен како трговска марка, за тоа ќе се изјасни соодветниот завод пред кого ќе се бара признавање – рече Филипов
Во Државниот завод за индустриска сопственост досега се регистрирани вкупно 34.898 трговски марки. Од овие, 15.584 марки се пријавени од македонски компании, а марките се со најразлични називи или се во слики, а со придавката „македонски“ или „macedonian“ се околу 150.
Наши трговски марки што се регистрирани согласно Мадридскиот договор, односно кои важат и во странска држава активни се 351 трговска марка. Од нив една содржи „мк“, зборот Македонија го содржат две и „мак“ содржат три трговски марки.