Секој деветти возрасен во Македонија има дијабетес

3,600 повеќе деца и адолесценти заболени од дијабетес споредено со 2017 година, односно милион и 110.100 деца и адолесценти помали од 20 години имаат дијабетес тип 1.. Едно од  две лица со дијабетес во светот се недијагностицирани – 232 милиони.

259
ФОТО: EPA / ROLEX DELA PENA

Бројот на лица со дијабетес во светот продолжува да расте. Споредено со 2017 година кога се публикувани последните резултати од осмото издание на Дијабетес атласот, бројот на лица со дијабетес од 425 милиони е пораснат на 463 милиони, односно, зголемен е за 38 милиони, според најновото деветто издание на Меѓународната Федерација за Дијабетес (International Diabetes Federation – IDF) по повод денешниот Светски Ден на дијабетесот – 14 ноември, кој се одбележува под мотото „Да го смениме дијабетесот“.

Ова зголемување на бројот на лица со дијабетес е еднакво на бројот на жители во една голема Европска држава како Полска или повеќе од двојно повеќе од бројот на жители во земјите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора). Се проценува дека до 2045 година оваа бројка ќе надмине 700 милиони или секој деветти човек во светот ќе има дијабетес. Во Македонија едно од девет возрасни лица имаат дијабетес во 2019 година или околу 175 илјади луѓе.

Секој втор без дијагноза

10% од здравствените трошоците во светот се трошат за дијабетес (760 милијарди долари).

Меѓународната Федерација за дијабетес (IDF) годинава го издава деветтото издание на Дијабетес атласот, кој преставува авторитативен извор на податоци за глобалната тежина на дијабетесот.

Според  податоците од овој атлас на IDF проценките за 2019 година се следниве:

Едно од 11 возрасни лица (20-79 години) има дијабетес (463милиони), односно 38 милиони луѓе повеќе споредено со 2017 година.

3,600 повеќе деца и адолесценти заболени од дијабетес споредено со 2017 година, односно милион и 110.100 деца и адолесценти на возраст под 20 години имаат дијабетес тип 1.

–  Едно од  две лица со дијабетес во светот се недијагностицирани – 232 милиони.

–  22 милиони луѓе повеќе се на ризик да развијат дијабетес, споредено со 2017

– Речиси две третини (63%) oд лицата со дијабетес се во активно работно доба (под 60 години).

–  Едно од пет лица со дијабетес се на возраст над  65 години

–  33 милијарди долари повеќе се трошат на дијабетес споредено со 2017 година.

–  10 отсто oд светските здравствени трошоци се трошат на дијабетес (760 милијарди долари)

– Едно од шест раѓања (20 милиони) е засегнато од зголемен крвен шеќер, од кои 84% се должат на гестациски дијабетес (дијабетес во бременост).

Преваленцата на дијабетес (процент на лица засегнати од дијабетес во однос на вкупната популација) за лица на возраст од 20-79 години на светско ниво изнесува 9.3%, а се смета дека до 2045 година ќе изнесува 10.9%.

Преваленцата во Македонија во 2019 година изнесува високи 11.1%  што соодветствува на 175 илјади лица на возраст од 20-79 години, или секој деветти возрасен човек во Македонија има дијабетес.

Зголемената преваленца на дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечки начин на живот, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и поголем внес на нездрава храна.

 

Во светски рамки половина од луѓето со дијабетес се недијагностицирани, односно не знаат дека имаат дијабетес. Стапката на дијагностицирани случаи може да се подобри со зголемена свесност за симптомите за дијабетес тип 1 (жед, зголемено мокрење, замор, ненадејно губење на телесна тежина, глад) и зголемени можности за скрининг на лица со висок ризик за дијабетес тип 2 (напредна возраст, зголемена телесна тежина, компликации, ниско ниво на физичка активност и нездрава исхрана).

Што треба посебно да нè загрижи?

Со растот на бројот на лица со дијабетес се зголемуваат и трошоците за дијабетесот. Се смета дека на дијабетес отпаѓаат 10% од вкупните здравствени трошоци во светот (760 милијарди долари).

Бидејќи се проценува дека 700 милиони луѓе ќе имаат дијабетес до 2045 година , неопходно е повеќе напори да се вложат во имплементација или подобрување на националните планови за превенција на дијабетес тип 2 и гестациски дијабетес и воведување на трошковно-ефикасни мерки за справување со дијабетес тип 1, тип 2 и гестациски дијабетес.

Со петиција до сензори за безболно мерење на гликемија на 500 деца

Во Македонија е подготвена  Национална Стратегија за справување со дијабетесот, која БАЛАНС МК очекува да се имплементира многу скоро.

БАЛАНС МК очекува од македонската јавност поддршка во Барањето за набавка на сензори за безболно мерење на гликемија на 500 деца и адолесценти во Македонија, како и исполнување на ветувањето за нивна набавка од Министерството за здравство, Владата и ФЗОМ час поскоро.

Петицијата ЗА ЖИВОТ СО ПОМАЛКУ БОЛКА, за неполни 10 дена доби над 2500 поддржувачи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...