Силна поддршка за колешката Мери Јордановска и за нејзината одлучност да ги обелодени и заканувачките пораки што ги добила преку социјалната мрежа Фејсбук во инбокс, но и името на заканувачот. Тие што не добиваат заканувачки пораки, не знаат, всушност, дека потегот на Јорданоска е чин на несекојдневна храброст.
Но, за тоа малку подоцна. Прво сакам да ја поддржам Мери и на тој начин што и јас ќе го пренесам името на (не)човекот што ѝ испраќал грозни пораки. Тоа е извесен Емил Јакимовски, за кого се тврди дека е државен службеник во Централниот регистар, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Најмалку што очекувам, откако МВР ќе ги потврди овие факти, е партијата да го отстрани овој нејзин член, а институцијата каде што е вработен веднаш да му даде отказ, според релевантните прописи кои наложуваат таква мерка.
Не зборувам на памет за прописите. Постои подзаконски акт наречен Кодекс за административните службеници, кој во членот 15 вели: „Во своето однесување и дејствување надвор од работата, во претставувањето на јавни настани, на социјалните мрежи или во каков било друг облик на комуникација, административниот службеник претставува пример за соодветно и достоинствено однесување”. Законот, пак, ги обврзува административните службеници да се придржуваат до Кодексот. За непочитување на овој акт, предвидени се строги санкции. Не така одамна, за овие ноторни факти писмено го информирав и тогашниот премиер Зоран Заев, кога и јас добивав слични закани и јавни заканувачки коментари на Фејсбук од луѓе вработени во државната администрација. Човекот презеде обврска да ги информира надлежните нешто околу ова да се преземе.
Моето искуство (освен две јавни извинувања, кои ги прифатив), после многу пријавувања на вакви заканувачки пораки, вели дека пријавувањето е речиси бесполезно. Заканите не престануваат. Слични искуства, слушам, имаат и други новинари. Затоа овој пат треба сите да се заложиме колешката Мери Јордановска да успее и сите ќе добиеме сатисфакција – еден вербален насилник конечно треба да плати, да го изгуби работното место, да биде јавно жигосан, за сите други да разберат дека државата веќе не смее да толерира вакво однесување. Ако тоа се случи овој пат, јас тоа ќе го доживеам и како лична сатисфакција.
Ме охрабрува тоа што се огласи новинарскиот синдикат, а овој коментар сигурно веќе го престасале и осудите од страна на другите новинарски здруженија и од многу наши колеги новинари. Така и треба да биде. Апсолутно е неважен политичкиот бекграунд на било кој вербален насилник. И афилираноста на било кој новинар, ако таква постои. Од сите вербални насилници најподмолни се тие што упатуваат закани во инбокс, како и некои малоумници кои упатуваат закани (во инбокс или јавно, сеедно) со намера да предизвикаат атмосфера на линч и агресивно однесување на други луѓе.
Своето чувство на разочараност и гнев од едно вакво нечовечко однесување, Мери Јордановска го изразила на најефикасниот можен начин, на начинот што и јас често го практикувам – ги обелоденила заканувачот, неговиот идентитет, неговите закани. Да, пријавила и во МВР, но јавното обелоденување на злосторниците е најделотворниот начин да му се застане на патот на злото. Апелирам сите новинари што добиваат вакви пораки, заканувачки и крајно интимидирачки, да ги обелоденуваат јавно – да им ги видиме суратите на заканувачите, да ја видиме нивната „креативност“, да видиме колку навистина се „силни“. А тоа да го видат и МВР и Јавното обвинителство.
Па можеби сега, пред изборите, некоја од демократските партии ќе се сети да вети дека ако дојде на власт, ќе предложи законски измени, со кои заканите кон новинарите, односно сторителите на кривичното дело Загрозување на сигурноста, како и сторителите на некои други специфични кривични дела чии жртви се новинарите, наместо по приватни тужби, како што е сега предвидено, во иднина ќе се гонат по службена должност.
Наше новинарско гесло мора да биде и ова: секоја закана треба јавно да се обелодени, секој заканувач треба да се осуди – морално и кривично!