Околу 12 проценти од вкупниот број на живородени деца во Македонија во 2016 година се родени надвор од брачна заедница, покажуваат податоците на Еуростат, додека во Европската унија просекот изнесува 43 проценти.
Во земјите од регионот, според Еуростат, оваа бројка се движи од 58,6 проценти во Бугарија, 41,6 во Косово, 26 во Србија, 19 во Хрватска до 9,4 проценти во Грција.
Просекот на ниво на ЕУ, е за околу 15 проценти над вредноста во 2000 година, од кога постепено бележи раст од околу еден процентен поен годишно. Тоа сигнализира промена на семејните вредности, односно раст на бројот на вонбрачни врски и двојки, како и самостојни родители.
Во осум земји членки на ЕУ во 2016 година, според Еуростат, има повеќе живородени деца надвор од брачна заедница. Во Франција како такви регистрирани се 60 проценти, Бугарија и Словенија 59, Естонија 56, Шведска 55, Данска 54, Португалија 53 и Холандија 50 проценти. За споредба, над 80 проценти од живородените деца во Грција, Хрватска и Кипар се регистрирани во брачна заедница.