Сезонците да се врзат со двегодишни договори за да не киднат во странство

Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров смета дека пазарот на работна сила кој е скуден за сесонсци ќе диктира како да се договорат работниците и работодавачите, но вели дека државата мора сето тоа да го регулира со закон.

407

Синдикатот вчера побара сезонските работници во земјоделството да склучуваат двогодишни договори, откако беа презентирани податоците дека сезонските работници во странство работат за ниски дневници и живеат во мизерни услови. Работодавачите, пак, се подготвени да прифатат законско решение на проблемот и  предлагаат вредносни ваучери за плаќање на придонесите за сезонските работници. Останува прашањето да биде дискутирано на Економско-социјалниот совет од каде што ќе произлезе и решението на проблемот.

– Прашањето за сезонските работници веќе го покренавме пред економско-социјалниот совет. Имено, испративме писмо со наш предлог кој треба да се разгледа на Советот. Предложивме да се примени хрватското искуство со вредносни ваучери за регулирање на плаќањето на придонесите, бидејќи ова прашање сега не е регулирано со ниту еден закон во земјава – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Според него, бизнисмените во земјоделскиот сектор не сакаат да ги избегнат давачките кон државата, туку да се поедностави пријавувањето на сезонските работници. Тие се соочуваат со бирократски процедури за да ангажираат средношколци или студенти на нивите или во преработувачките капацитети.

– Системот на вредносни ваучери или купони во Хрватска фукнционира така што работодавачот однапред дневно ги плаќа задолжителните обврски и придонесите за пензиско осигурување за I и II столб, придонесот за заштита на здравјето при работа и придонесот за вработување и тоа при ангажирање на работникот дневно се евидентира во вредностниот купон. При тоа, и работникот и работодавачот како и УЈП и другите институции имаат точен податок колку дена во месецот работел работникот колку бил платен и колкав износ на придонеси се уплатени на негово име – вели Димитров.

Ваквиот начин на евидентирање на работењето на сезонските работници, вели тој, е лесен и за утврдување на неговиот стаж и уплатените придонеси.

Димитров смета дека пазарот на работна сила кој е скуден за ваков вид работници ќе диктира како да се договорат работниците и работодавачите, но вели дека државата мора сето тоа да го регулира со закон.

– Работодавачите се подготвени да плаќаат придонеси за да ги задржат работниците цела година, но во времето кога работниците не се ангажирани, би требало и издатокот на работодавачот да биде понизок. Тоа, секако, треба да има и законска подлога, бидејќи сега ваков вид вработување на работниците законски не е можен – вели Димитров.

Тој се залага за гаранции за двете страни во договорот.

– Работодавачот да има гаранција дека работникот ќе може да го ангажира во било кој период од годината, а работникот да има сигурни примања. Ако прашањето не се реши така, тогаш работодавачот иако плаќал придонеси цела година би можел да се соочи со проблем да остане без работници тогаш кога ќе му бидат најпотребни, зашто тие, на пример, отишле на работа во странство – додава Димитров.

Тој очекува и предлог за решавање на проблемот од страна на институциите, бидејќи како што вели, и оваа влада, како и претходната имала разбирање дека проблемот со сезонските работници треба да се реши.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...