Во последните „реформи“ на јавното обвинителство (ЈО) се влезе без некаков вистински концепт и стратегија. Ова впрочем и не е новина. За волја на вистината, за реформи на ЈО кај нас досега не се ни дискутирало сериозно. На светски план инаку ЈО е на раскрсница, или поточно во процес на трансформација – од дел на извршната во елемент на судската (правосудната) власт. Овој процес инаку не е завршен, па затоа и не постојат јасно востановени меѓународни стандарди за ЈО.
Кај нас ЈО досега се „реформираше“ главно како некаква колатерална последица на реформите во судството, кои како што знаеме, исто така, не се многу успешна приказна. На тој начин, за среќа, ЈО сепак се стекна со некои битни гаранции за независноста. Некои решенија аналогни на судството пак никогаш не беа до крај прилагодени за ЈО, на пример, префрлањето на целокупната стварна надлежност врз основните судови остави некои празнини во функционирањето и воопшто смислата на Вишите јавни обвинителства. Благодарејќи на еден корисен италијански твининг проект, ЗЈО од 2007 г. и уставните реформи (амандмани) се, би рекле, неочекувано прогресивни и нашето ЈО го приближуваат до судството без притоа за жал да го направат и последниот чекор, бидејќи за разлика од сите други обвинители, републичкиот јавен обвинител и натаму е „врзан“ за политиката и извршната власт, со оглед на тоа што него остана да го предлага Владата, а го бира собранието. Сепак, хиерархијата е битно ублажена а со неа и можноста за непосредни политички влијанија врз конкретните предмети. Нескромно може да се пофалиме дека битната реформа на ЈО се изведе низ новиот ЗКП, кој создаде основ ЈО да шефува со полицијата и да прерасне во моќна институција за борба со криминалот и корупцијата (со сопствени истражни капацитети). Зошто Марко Зврлевски а сега и Љубомир Јовевски не работат на имплементација на овој концепт е приказна за себе. Одговорот е прилично едноставен – нема политичка волја за вистинско владеење на правото! Кучињата лаат, караванот (криминалот) си врви.
Единствена значајна цел на последната „реформа“ на ЈО и главно прашање за новиот ЗЈО, како што знаеме, беше врзана со неколку проблеми на СЈО. Како најважна беше претставена идејата за прераснување на СЈО во трајна институција. Од денешен аспект, се чини дека идејата за предвремена трансформација на СЈО беше смислена за да создаде магла како да се надмине проблемот на ограничениот рок за истраги и начелното правно мислење на Врховниот суд за ова прашање, а во јавноста беше претставена со убавата идеја СЈО да прерасне од ad hoc во трајна институција која со својата независност наводно би била коректив на високата корупција на политичката и бизнис елитата. Оваа идеја зад која инаку не стои познат автор, беше набрзина вградена во Стратегијата за реформи на новата влада во 2017 г. Додуша, постоеше уште една, би можела да се нарече – „шверцерска“ идеја – некако по автоматизам, врз основа на ЗЈО да ѝ се продолжи мандатот на Катица Јанева без нејзин реизбор што требаше да се изврши минатата година, по истекот на мандатот од 4 години.
Истраги незаконито поведени не може да продолжат по ниту еден закон, а најмалку по ЗЈО (чл. 110 вели дека Постапките ќе продолжат според овој закон!?). Имено, кривичните постапки, како што е општо познато се водат по ЗКП, а оние на СЈО и по ЗСЈО како lex specialis. (Постојат, се разбира и други исклучоци кои се lex specialis, како што се постапките против малолетници). Но да се вратиме на важното, Министерството за правда (СДСМ) упорно веруваше дека ЗЈО со некаква магија ќе ги продолжи постапките кои според чл. 22 од ЗСЈО се поведени незаконито, како што тоа го тврди во своето познато правно мислење Врховниот суд и дел од експертската јавност. Тоа е впрочем и наш став, не затоа што мислиме дека чл. 22 е исправен како криминално политичко решение, туку едноставно затоа што е закон и што нуди една битна гаранција (поволност) за обвинетите, што впрочем јасно било дел од договорот во Пржино, преточен во закон за СЈО – донесен едногласно!
Според чл. 1 од Законот за СЈО овој закон се продолжува секоја година сė додека траат постапките поведени по истиот (со други зборови, не може да престане да важи пред да завршат постапките). Од друга страна, тој закон е донесен во посебна процедура со консензус на политичките партии и може да се менува или укинува само по истата процедура! Од особена важност за обвинетите е и тоа дека ЗСЈО има и процесни, но и решенија суштински битни за овие постапки, како чл. 22 кој што содржи важна заштита за осомничените. Рокот за подигање обвиненија не важи само за СЈО туку за сите предмети за кои е или беше надлежно СЈО. Многумина суштината на мислењето на Врховниот суд намерно или ненамерно ја гледаат во тоа дека СЈО не бил „овластен тужител“ извлекувајќи погрешен заклучок дека друг обвинител би можел и покрај истекот на рокот да биде овластен тужител, па со една правна „финта“ предметите да ги предадат на редовното обвинителство, тврдејќи дека со тоа се решава проблемот!? Напротив, ако тоа не може да го направи СЈО кое беше единствено надлежно да ги гони делата, тоа уште помалку ќе може да го направи некое друго обвинителство. Тоа би било исто како да тврдиме дека ако законот ѝ забранува на полицијата да користи сила или огнено оружје освен во строго определени ситуации, затворската полиција да може да тепа колку сака!? Поинаку кажано, смислата на одредбата не е во тоа кој ќе биде овластен тужител, што е смисла на чл. 1 и 2 од ЗСЈО, туку е одредба што гарантира еден посебен вид на правна сигурност, и обвинетите а и самата партија ВМРО-ДПМНЕ ги штити од целата таа атмосфера на вонредни постапки, тела и докази, со идеја целиот општествено-политички систем да се стабилизира по истек на еден разумен временски период од 5-10 години. Во таа смисла чл. 22 од ЗСЈО не е некаква обична процесна одредба од инструктивен карактер, како што се тоа роковите за траење на истрагата од ЗКП, туку е преклузивен рок кој суштински ги штити осомничените ослободувајќи ги од натамошен прогон.
Инаку, инсистирањето пренесувањето на предметите од надлежност на СЈО во надлежност на државното (редовното) обвинителство да се уреди изречно со новиот ЗЈО открива дека обвинителството (власта) признава дека трансферот изведен со помош на притворената специјална обвинителка е правно проблематичен, па затоа се инсистира да се поткрепи со закон (ЗЈО). И овде, како и со незаконските истраги, се заборава дека една незаконска постапка, која е спротивна на законот во време на преземањето на дејствијата не може да стане законска со еден закон донесен подоцна.
На прашањето зошто одново се проблематизира користењето на незаконито прибавените докази, сега откако по долги и мачни расправи правната фела најде правно издржано решение, ЗЈО прави замена на тезите дека рокот од чл. 22 е рок во кој ќе може да се подигнат обвиненија врз основа на незаконски прислушуваните разговори, што за волја на вистината и не е баш и некоја новина, со оглед на тоа што неуспешни обиди за ова имаше и порано.
Останува нејасно зошто се жртвуваше СЈО кое долго време беше општо поддржана институција, како и предметите заради кои истото беше востановено, за да се дојде до овој правен бродолом, наводно во интерес на истрагите поведени по истекот на рокот од чл. 22. Едно е сигурно, ваквите правни импровизации водени од дневно-политичките потреби на политичките партии се јасен показател дека залагањето за независност на правосудниот систем е само реторика и дека политичката елита уште долго нема да се откаже од влијанија врз судството и ЈО.