Иако немам обичај да го фалам премиерот Зоран Заев, мислам дека неговата изјава дека резултатот од претседателските избори е причина сите актери во изборната трка да извлечат сериозни поуки е најточната дијагноза за овој изборен циклус. Не само што нема место за евтин триумфализам, туку напротив, има нагласена потреба секој темелно и самокритички да го изанализира сопствениот учинок и согласно со тоа, да ги дизајнира идните политички активности.
Ова се седумте главни поуки од овие избори што јас успеав да ги регистрирам. Знам дека на многумина моите тези нема да им се допаднат, но како апсолутно неутрален посматрач на оваа трка, се потрудив да ги поткрепам со цврсти аргументи, ослободен од погубните навивачки страсти.
Пендаровски стана претседател со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ!
Прво, со предност од безмалку 60.000 гласови во однос на противкандидатката Гордана Силјановска, победата на Стево Пендаровски е чиста и неспорна. Иако веќе е препознаен како прозападен шеф на државата, со капацитет повисок од неговиот неславен претходник Ѓорге Иванов, изборот на Пендаровски, сепак, сам по себе, нема на Македонија да ѝ донесе датум за почеток на преговорите со Европската Унија, а со тоа и почеток на реформите. За да се случи тоа, во нашата земја мора да се намалат политичките конфликти и да се оствари многу повисок степен на единство за реформскиот курс. Во приватна смс-порака што му ја упатив синоќа на Стево, му посакав да биде фактор на едно такво намалување на конфликтноста во нашето општество. За една таква мисија, тој ќе ја има и мојата поддршка. Ако тоа нешто му значи…
Второ, со близу 380.000 освоени гласови и со победа во поголемиот дел од македонските општини, ВМРО-ДМНЕ во овој момент се етаблира како водечка политичка сила во земјата. Тоа е факт што не може да се одрече, без оглед што ова не беа парламентарни, туку претседателски избори. Не само што се потврди, туку и се засили одличниот резултат на партијата по првиот изборен круг. Веројатно некој ќе се сети дека во моите анализи, во колумните и во телевизиските настапи во ноќта после првиот изборен круг, предвидов дека победата на Пендаровски во вториот круг нема да му ја донесат гласовите на Албанците, туку гласовите на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ, доколку партијата не се одлучи на отворен или скриен бојкот на изборите. Без една третина од тие „вмровски“ гласови, изборите сигурно ќе пропаднеа поради цензусот.
Меѓу двата изборни круга бев надвор од земјата. Бев одлучил во тие десеттина дена со никого да не контактирам и безмалку да не ги следам вестите од Македонија. Ќе бидам индискретен и се надевам дека Христијан Мицкоски нема да ми се налути поради тоа. Тој беше единствениот со кого имав една кратка преписка од туѓина. Бев љубопитен дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се трка чесно или ќе се труди да ги упропасти изборите. Мицкоски ми одговори дека Силјановска и неговата партија одат до крај, на победа, без калкулации, дека ќе се борат витешки. И богами, факт е дека го одржа зборот.
Трето, Пендаровски е претседател и по заслуга на ДУИ и пред сѐ на лидерот на таа партија, Али Ахмети, кој го промовираше концептот на избор на заеднички, или како што го нарече – консензуален кандидат. Иако предлогот на Ахмети не беше коректно испочитуван, близу 100.000 приврзаници на ДУИ во вториот круг сепак гласаа за новиот претседател. Но, внимавајте, концептот за заеднички настап на СДСМ и на ДУИ сигурно нема да се повтори на претстојните редовни или вонредни парламентарни избори, бидејќи партијата на Ахмети мора да ги измери силите со Алијансата и со БЕСА, кои во првиот изборен круг освоија неверојатни 70.000 гласови. Анализите веројатно ќе покажат дека околу 120.000 гласови на Албанците сигурно завршиле на контото на Пендаровски, но не е сосема јасно чии се тие гласови. Таа работа ќе треба да се расчисти во следниот изборен циклус. ДУИ нема да сака и нема да се смее да се крие зад некакво идно партнерство со СДСМ.
Не е баш до „неколку поединци“, друже Заев!
Четврто, ако е точно тврдењето дека најмалку 100.000 гласови на приврзаниците на албанските политички партии завршиле на контото на Пендарвски – а тоа е тешко да се одрече! – тоа ни кажува дека СДСМ, заедно со ЛДП и со другите помали политички партии од широката коалиција, во овој момент „тежи“ меѓу 330.000 и 340.000 гласови. Тоа, пак, значи дека во земјата доминира опозициско расположение. Повеќе од алармантна вест за Бихаќка! Не станува збор за потребата да се расчисти со „неколку поединци“, како што вели Заев, ниту за отворање на еден „широк фронт на активности“, кој може да значи само разгор на еден индуциран популизам, каков што гледавме во времето на Груевски и кој ја доведе Македонија до катастрофа. Не, СДСМ мора да спроведе итна и длабока идеолошка и кадровска реформа.
Петто, вистина е дека ВМРО-ДПМНЕ се консолидира и го максимизира својот резултат на овие избори, но раководството на таа партија мора да сфати дека за преземање на власта во Македонија не е доволно да се победи на избори. Да, баш така! Впрочем, Никола Груевски победи на претходните избори, но не успеа да ја освои власта. Зошто? Одговорот на ова прашање е едноставен. Од една страна, тој што претендира да ја освои власта мора да демонстрира волја и капацитет да постигне коалициски договор со водечката партија од албанскиот политички блок; од друга страна, победникот на изборите мора да добие меѓународна „виза“ да го преземе кормилото, а тоа прашање е поврзано со првото и со неколку други битни промени што во ВМРО-ДПМНЕ едноставно мора да се случат.
Се отвора простор за нови политички формации
Шесто, искрено мислам дека и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ нема да им биде лесно да се соочат со предизвиците за внатрешни промени, за што во двете партии не гледам ни доволно политичка волја, а ни доволно кадровски капацитети. Мислам дека тоа во периодот што претстои ќе отвори широк простор до израз да дојдат помалите политички партии, секако доколку одлучат наместо приврзоци на двата големи блока, самостојно да се развијат – идеолошки, кадровски и инфраструктурно. Очекувам да се создаде простор и за нови политички формации, бидејќи многу вредни, амбициозни, способни и искусни луѓе се надвор од политиката и тоа е вистинска штета за Македонија. Се осмелувам да предвидам дека добрата политичка перспектива на Македонија е формирање на трипартитни, па и повеќепартитни коалиции на власт – да, тоа ќе ја усложни политичката игра, но може да донесе поприродна артикулација на политичките интереси на граѓаните, намалување на политичките конфликти и повисок степен на политичка поддршка за толку потребните реформи.
И седмо, ние одамна сме зрели за изборна реформа и за нов изборен законик. Реформата треба да ја препознае реалноста во земјата. Пред сѐ, Македонија одамна не е двомилионска нација. Јас не верувам дека во земјата има повеќе од 1,5 милиони луѓе. Од околу 1,8 милиони избирачи, колку што се запишани во Избирачкиот список, во овој момент, своето избирачко право реално можат да го остварат не повеќе од 1,2 милиони до 1,3 милиони избирачи. Цензусите можеби се потребни, но со вакви цифри, тие одамна не се реални. Јас мислам дека треба да се размислува и за промена на изборниот модел. Веројатно треба уште појасно да се дефинираат и составот, карактерот и улогата на техничката влада. Постојат уште многу други прашања од политичка и од техничка природа што мора да се расчистат.
Му предлагам на новиот претседател Стево Пендаровски, веднаш по формалното преземање на кормилото, да ги анкетира водечките политички лидери дали се спремни да почнат итни преговори за промени на изборниот систем, или барем за отстранување на некои од клучните слабости на постоечкиот. Мислам дека тоа ќе се покаже неопходно, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ уште од утре жестоко ќе притиска да се организираат брзи вонредни парламентарни избори, а СДСМ, доколку итно не добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ (малку веројатно), нема да може долго да одолее на тој притисок.
Не после вакви избори.