Седум жртви на Доријан на Бахамите, ураганот стигна до Флорида

91
ФОТО: EPA / CRISTOBAL HERRERA

Ураганот Доријан, кој е ослабнат, но поголем, синоќа стигна во близина на источниот брег на централна Флорида, и доби на брзина откако два дена ги пустошеше Бахамите каде загинаа најмалку седум лица и предизвика катастрофални штети.

Доријан стана ураган од втора категорија, затоа што неговите најсилни ветрови паднаа на 175 километри на час, соопшти Националниот центар за урагани со седиште во Мајами (НХЦ), но невремето исто така порасна во големина, со ветрови кои се проширија на околу 95 километри од неговиот центар.

Тој исто така доби на брзина од околу 9 километри на час, откако на Бахамите во неделата беше ураган од петта категорија, соопшти НХЦ.

Бурата вчера претпладне го смени правецот што значи дека Флорида најверојатно ќе биде поштеден од директен удар, стои во прогнозата на НХЦ.

– На оваа патека, јадрото на ураганот Доријан ќе се движи опасно близу до источниот брег на Флорида и брегот на Џорџија вечерва до среда навечер – изјави претставничка на ХНЦ и додаде дека се предвидуваше оти Доријан „ќе се доближи или ќе дојде над брегот на Јужна и Северна Каролина во четврток до петок наутро“.

На островот Гранд Бахама состојбата на тропска бура ќе продолжи „уште неколку часа“, иако се очекува да се намали нивото на водата и на островите Абако, каде се очекуваат големи и разурнувачки бранови во близина на брегот.

На Бахамите досега загинаа најмалку седум лица, а повеќе од 13.000 куќи се сериозно оштетени или уништени од ураганот, соопштија локалните власти.

Премиерот на Бахамите Хуберт Минис синоќа на прес-конференција изјави дека бројот на загинатите се зголемил од пет на седум лица откако двајца од 25-те луѓе кои беа пренесени на островот Њу Провиденс, починале.

– Можеме да очекуваме повеќе смртни случаи – рече Минис, додавајќи дека сегашните бројки се врз основа на првични информации по прелиминарните проценки на островите Абако, на кои исто така има „сериозни оштетувања на домови, деловните објекти, другите згради и инфраструктура“.

Премиерот додаде дека првичната проценка на островот Гранд Бахама ќе биде извршена веднаш штом биде безбедно да се направи тоа.

Според првичните проценки, на околу 60.200 луѓе на Гранд Бахама и Абако може да им биде потребна помош во храна, изјави портпаролот на Светската програма за храна на ОН, Херве Верхосел.

ФОТО: EPA / CRISTOBAL HERRERA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...