Во периодот од 2008 до 2016 година во Македонија се случиле вкупно 70 убиства на жени. Со оглед на тоа што институциите не препознаваат податоци за фемицид, бидејќи не е дефиниран како посебно кривично дело и не е инкорпориран во Кривичниот законик, идентификувани се 54 жртви, а во 51 случај има основа за фемицид. Пристап до судските предмети е добиен за 34 од тие случаи, при што утврдено е дека 28 од нив биле фемицид или убиство на жената затоа што е жена.
Ова се заклучоците од Аналиата на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Македонија изработена од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со техничка и финансиска поддршка од УНДП, која беше презентирана денеска од директорката на мрежата Елена Димушевска.
На презентацијата присуствуваа минстерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и резидентниот координатор на ОН и претставник на УНДП Луиза Винтон.
Директорката на мрежата Елена Димушевска посочи дека повеќе од 80 отсто од жртвите во земјава се убиени од страна на интимни партнери, без разлика дали е сегашен или поранешен, дали живеат во брачна или вонбрачна заедница или биле само во врска, а немале заедничко живеалиште.
Останатиот дел, додава таа, се убиени од други блиски членови на семејството, како браќа и татковци, секако машки членови на семејството.
– Анализата покажа дека жените во Македонија можат да бидат заштитени. Сите овие убиства можеле да бидат превенирани, барем поголемиот дел, доколку се постапело соодветно и се пријавеле во соодветната инстутиција. Поголемиот дел од убиствата се извршени со пиштоли, кои во најголемиот дел не биле легално поседувани – нагласи Димушевска.
Таа додаде дека друг загрижувачки податок е што поголемиот дел од убиствата се случиле во домот на жртвата, доколку живеела заедно со партнерот, со сторителот на убиството или доколку се водел процес на развод и не живееле заедно се случил во нејзиното ново живеалиште, во домот на родителите или во нејзиниот нов дом, доколку живеела сама.
Мошне е загрижувачки фактот, нагласи Димушевска, што жената всушност е најнебезбедна во својот дом.
– Жените се убиваат во нивните домови, каде треба да бидат најбезбедни и се убивааат од страна на лица, членови на нивното семејство, нивните партнери, кои треба да ги заштитат, тоа е многу загрижувачки податок – вели Димушевска.
Царовска потсети дека Македонија веќе ја ратификувала Истанбулската конвенција и изработен е оперативен план за нејзино имплементирање, со конкретни чекори и мерки за секоја институција.
– Ова не е прашање на само една институција, ова е прашање за сите институции и за сите граѓани. Потребно е во заедничка соработка и комунијкација да го превенираме овој феномен – рече Царовска и додаде дека е важно сите надлежни во наредниот период да работат на измена на Кривичниот законик и дефинирањето на фемицидот како посебно кривично дело. Додаде дека во оваа насока е потребен и посебен закон за родово базирано насилство.
– Институциите, центрите за социјална работа, здравствените установи и полициските станици навистина мора детално да го разгледуваат секој случај. Ги јакнеме центрите да водат case menagment, но исто така и четирите шелтер центри за семејно насилство, кои беа заборавени и уништени ги ревоспоставивме и сега функционираат 24 часа, достапни за секој. Со МВР и Министерството за здравство воспоставивме посебен сервис за детекција на сексуално насилство – во Тетово, Куманово и Скопје и се отвори шелтер центар за жртви на сексуално насилство нешто што во Македонија досега не постоеше – додаде министерката Царовска.
Винтон истакна дека со оваа анализа се покажало дека речиси секој фемицид можел да биде превениран од соодветните институции.
– Ова не се злосторство од страст, каде страста излегла од контрола, ова се криминални кои имаат долга историја на насилство и еден од најважните принципи од Истанбулската конвенција е дека ако државата не дејствувала соодветно за да спречи некое насилство да се случи, тогаш одговорноста за тоа насилство не паѓа само врз сторителот, туку и на самата држава – рече Винтон,
Упати апел до медиумите да не ги романтизираат или сентиментализираат овие случаи, туку да ги прикажат како нешто што се случува како рефлексија на родовата нееднаквост и насилството врз жените во државата.
– Семејното насилство, особено од аспект на насилството мотивирано од родова омраза, односно родовата побуда како мотив, како проблем е многу повеќе од статистички бројки. Наша обврска е да изградиме општество кое ќе ја штити жената како столб на семејството – рече министерот Спасовски на денешната промоција.
Истакна дека е потребно фемицидот да се дефинира како кривично дело, нагласувајќи дека фемицидот тргнува од премисата за злосторство врз жената само заради тоа што е жена.
– Очигледно е дека мора да дојде го измени во Кривичниот законик, каде ќе се дефинира ова дело како кривично правна материја со цел да можат институциите да постапуваат. Но многу важно е да креираме систем на превенција, како да се вклучиме сите институции, да ги активираме невладините, медиумите, да ја јакнеме сеста кај граѓаните – рече тој.
Министерот Спасовски додаде дека за законските измени е задолжени Министерството за правда и додаде дека се очекува наредниот период тие да бидат доставени во Собранието.