Сега му е мајката преку леб да бараме погача 

822

Што се случува со нас? Наеднаш сите се незадоволни! Сите најавуваат дека ако Владата не ги исполни нивните барања ќе ја прекинат работата, ќе блокираат улици и што ли уште не. Точно е дека работите не ни „цветаат“. Точно е дека многу од ветувањата не се исполнети. Дека го нема „животот за сите“. Дека празната каса што им ја оставија предходните е попразна!. Дека од големите „борчеви“ и кредити глава не се крева. Дадоа доста. Дадоа онолку колку што имаа. Но „кусото“ секогаш останува „кусо“ . На некои претходната Влада со години им немаше покачено плати. Точно така. Но, точно е и тоа што сега сите „преку леб бараат погача“! Велат, ако се може… Никој  не сака да почека… Да ја разбере состојбата. Сите сакаат поголеми плати. Сите сакаат да се вработат. И оние што не добиле и оние што добиле, се незадоволни. Тоа е она најчудното што навистина се случува со нас?

Едни, подбуцнати од ВМРО-ДПМНЕ или од некоја друга помала партија, „правдата“ и нивното повторно враќање на престолот, го бараат преку штрајкови, преку блокирање на улиците и предизвикување револт кај граѓаните. Водачите, иако знаат дека го „испуштија“ и последниот воз, за да си ја „спасат“ сопствената кожа ги тераат најпослушните членови да „мрзнат“ пред Парламентот и да викаат дека оваа Влада е ненародна. Дека ја продала државата!. Дека го продала нејзиното име, идентитетот, јазикот. Упорни се. иако знаат дека секој ден сѐ е помал бројот на оние што им веруваат. Знаат дека не е далеку денот кога ќе останат сами зашто на виделина излезе народната: „На лагата кратки и се нозете!“

Тоа право да негодуваат го немаа во претходната Влада. Тогаш сите молчеа. А оние малкумина, што не молчеа, или помрачината ги јадеше или во Шутка или во било кои друг затвор на јаже или на бегање или пак во кофа вода завршуваа. Тогаш молчеа сите.
Чудно е и што Синдикатот се разбуди од длабокиот сон. Како да не постоеше. „Топло“ му беше со предходната влас па си молчеше. Сега се „повампири“. И „тој“ поддршка на работниците им дава. А на кои работници? Во најголемите фабрики нема синдикат!? Работниците се сами. Самите си ги бараат правата. Газдите не сакаат Синдикат. Не сакам погрешно да бидеме разбрани но, „рака на срце“ покачувањето на платите во здравството и образованието е смешно во споредба со платите што ги имаат и што ќе ги имаат со најавеното најново покачување обвинителствата и судовите. Тајната зошто лекарите и медицинските сестри ни бегаати дека народов македонски нема кој да го лекува, е јасна. Бегаат. Да, бегаат и ќе бегаат. Досега не се памети обвинител, судија, адвокат да заминал во странство. Па за нив тука е Америка! Не треба да ја бараат на друго место.

Од Владата велат „трпение спасение!“. Но, има ли крај тоа „трпение?“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...