Требаше да се случи ратификација на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент за да се појават и поинвентивни коментари во дел од западните медиуми, а не само вообичаено здодевно редење и повторување на познатите историски факти околу македонско-грчкиот спор за името. И тоа, како и обично, повеќе како исклучок отколку правило.
Како е можно два народа 28 години да бидат во кавга околу име на една земја, го поставуваат прашањето водечките скандинавски весници, како најпосле да созреал мигот тоа прашање конечно да биде осветлено во својата апсурдност, но и едновремено на него да се гледа како на речиси апсолвирано поглавје.
Во тој контекст скандинавските репортери укажуваат дека наидувале и на контрапрашања од страна на грчки демонстранти во Солун и Атина, од типот: „Што би мислеле вие во Шведска доколку Данска одеднаш би рекла дека се вика Сконе?“ (јужниот шведски регион Сконе до пред околу три и пол столетија бил во составот на данското кралство, и тоа како негов најважен дел). Или, пак, контрапрашања што на Швеѓаните им ги упатуваат демонстарнтите во Скопје: „Дали би биле подготвени да го смените името во Западна Шведска затоа што Финска би го побарaла тоа?“ (по воениот пораз против Русија, Шведска во 1809 година ја отстапило Финска која претходно 600 години била во оставот на шведското кралство).
Врската меѓу историјата и политиката е мошне блиска. Историјата секогаш се користела како средство на моќ, во смисла на вербална вештина и знаење во политичката дебата. Користењето на историски референци им олеснува на поединецот или на разни групи да ги пренесат своите пораки. Сосема е јасно дека и во Македонија и во Грција прашањето за името и постигнатото компромисно решение, ќе продолжат да го делат населението на оние што се за и оние што продолжуваат да се спротивставуваат. Тоа што ќе се зборува во јавниот дискурс, кое име ќе се употребува и нагласува, ќе биде начин да се покаже кој каде се позиционира и каков став држи во однос на новото име на државата.
Балканот е преплавен со примери на користиње на митски и историски алузии кои создаваат посакувани асоцијации кај оние што слушаат и помалку или повеќе некритички ги апсорбираат пораките. Од таа причина политичарите добиваат можност да се движат вон просторот и содржината што се смета за фактичка историја, кон тоа што функционира на рамниште на историски митови, без притоа да ја изгубат довербата на избирачите. Историјата така станува важен политички аргумент за самите политичари, со цел да придобијат приврзаници за својата политика и одлуките што ги носат. Притоа вешто се избираат историски настани и личности кои одговараат на потребите на актулниот миг. Добар пример за тоа секако е говорот на Алексис Ципрас по повод ратификацијата на Преспанскиот договор, во кој тој, меѓу другото, ги спомена „славомакедонските борци од ДАГ и 70-те илјади бегалци од Граѓанската војна“.
Но политичарите кои со својот пристап јасно покажуваат дека реалната политика веќе не е само избор, туку и обврска што ја налага светот што ги опкружува, се едновремено свесни дека историјата му дава сила на национализмот. А уште повеќе сила се црпи, пред сѐ, од историските митови, кои преку премногу раскажувања, идеализирања и разубавувања станале вистини.
Повикување на историски континуитет станува важно, посебно во настојувањата да се нагласува правото на одредено географско подрачје. Токму затоа митовите за потеклото, за сопствената национална големина во историјата, како и за историската траума, стануваат централни столбови во националните историграфии. Но еден националистички историски мит често е означен од недостиг на временска перспектива – минатото, сегашноста и иднината се во толкава мера интимно меѓусебно испреплетени што функционираат како неделиво единство. Настани што се случиле пред стотици, или пред илјадници години, се потенцираат како историски факти што се толку актуелни, така што всушност се однесуваат на луѓето што живеат овде и сега. На истиот начин и иднината се доживува како референтна точка каде што се подразбира дека историјата целосно и неизбежно води кон настани во извесна предвидлива насока – можеби кон реванш или кон нови победи.
Непредвидливоста, а неретко и ирационалноста на политичките процеси на Балканот се причина во некои коментари во скандинавскиот печат да се сугерира заклучок дека тешкотиите да се обезбеди помасовна поддршка за договорот меѓу Грција и Македонија и понатаму ќе бидат присутни. Па дури и дека доколку во иднина некоја влада во Атина, или во Скопје, реши да се повлече од Преспанскиот договор, тогаш ништо друго не би преостанало, освен „да се вратиме назад на почетоците на спориот за името во 1991 година“. Иако, се разбира, е мошне тешко да се поверува во еден таков можен развој.
Но веројатно би можеле да се согласиме, како што се забележува во анализата во шведскиот „Дагенс нихетер“, која се повикува на контакти во Скопје, дека во секојдневниот говор и комуникација, ретко кој, не сметајќи ги оние што мораат, и покрај одобрувањето на Преспанскиот договор ќе го изговра новото име Северна Македонија – освен во иронична смисла. Исто како што и во Грција може да се очекува дека многумина ќе продолжат да ја нарекуваат соседната земја ФИРОМ.
Бидејќи во периодот што следи сигурно нема да биде лесно да се создадат услови во кои ќе се норамализира односот кон Преспанскиот договор, при што Северна Македонија повеќе ќе се сфаќа и доживува како пресвртна точка на триумф и нов почеток, а помалку како сигнум на иронија на историјата.