Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Грузија, Давид Залкалиани, денеска на маргините на Минхенската безбедносна конференција, потпишаа Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји.
Двајцата министри, како што соопшти МНР, изразиле очекување дека овој чин претставува вовед во отворање на ново поглавје во билатералните односи, интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес.
На средбата биле разменети мислења и за актуелни теми од регионален и глобален интерес. Притоа, министерот Залкалиани упатил честитки за потпишувањето на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и го поздрави севкупниот напредок на нашата земја во процесот на евроатлантските интеграции, изразувајќи надеж дека и Грузија ќе успее да го изоди истиот пат кон остварување на своите надворешно-политички приоритети.
Во рамки на досегашното учество на Минхенската безбедносна конференција, министерот Димитров остварил билатерални средби со Розмари ди Карло, потсекретар за политички прашања на ОН и Карин Кнајсел, МНР на Австрија, а на маргините на настанот, разговарал и со своите хомолози од Хрватска, Бугарија, Албанија, Кипар, Белгија и Обединетото Кралство.