Жак Сегела еден од творците на победата на Франсоа Митеран од 1981 со познатата максима „Мирни сили на промените“ смета дека: „за да победите на изборите неопходни се добри идеи и еден талентиран но разновиден тим“. Тоа значи дека кандидатот треба да изработи солидна платформа и да создаде способна екипа на соработници. Експертите на Пендаровски и Давкова, веројатно се млади но искусни спин-доктори кои се обидоа да дадат најдобро од нивната креација и визија. Во поглед на идеите, оние на Пендаровски се кристално јасни и пореални за сметка на Давкова. Основниот столб е фокализиран врз евро-атланските интеграции во чија позадина е договорот од Преспа. Идеите на Силјановска-Давкова се патриотско-апстракни и популистички. Поаѓа од владеење на правото, слабост која се должеше на инжењерингот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Давкова ја потценува меморијата на гласачите за сите криминали на нејзините подржувачи, за неказнетите тајкуни, за сфаровски-судството, за прислушувањата, за масовните грабежи и манипулации, контролата на медиумите. Можеби овие пенали требаше почесто да ги повторува екипата на Пендаровски. Парадоксот да биде поголем, Давкова ја користи реториката на СДСМ од претходните избори. Мора да му се признае на нејзиниот тим дека успешно ги спинуваше некои ситни афери на СДСМ, иако е апсурдно да се споредуваат корупциите на СДСМ со десетгодишната дебела корупциска сенка на ВМЕО-ДПМНЕ која се пресметува во милијарди евра. Меѓутоа и покрај ограничените председателски компетенции и двајцата кандидати заборавија едно златно правило според кое се определуваат бирачите: „граѓаните гласаат за оние кои ќе им го подобрат животот“. Празниот стомак го одредува победникот на изборите а не надворешната политика. Иако социјалната политика е одалечена од НАТО, ЕУ е вистинскиот социјален агрегат на благосостојбата. Можеби тимот на Пендаровски требаше почесто да ги повторува вредностите на евро-атлантизмот вид алатка со која ке се надминуваат и социјалните проблеми.
Северна Македонија води против ФИРОМ со 1:0
Во вечерниот пост-изборен настап, кога портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ еуфрично во стилот на Ѓорчев прогласи апсолутна победа ширум државата во руралните средини со под 2000 избирачи, Давкова ја изговори со монашка опиеност пораката дека „Македонија ја победила Северна Македонија“. Независно од позитивниот скор на Пендаровски, спин-докторите на ВМРО-ДПМНЕ настојуваа да ја претстават како психолошки победник, што во политиката е една дозволена манипулација. Впрочем спиновите од тој стил заживееа во нашата политичка култура уште во 2006 г. со преземањето на власта од страна на конзервативната ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно и самата Давкова беше изненадена од „малиот пораз“ од народот кого „штотуку го запознала“, бидејки претходно немала појма како живееле Македонците и останатите заедници. Претпоставувам дека била подучувана, дека нејзината база на гласачи уште од референдумот ја очекувала таа фамозна реченица за поразот на Северна Македонија. Меѓутоа реалноста беше сосема поинаква и засега „Северна Македонија води против ФИРОМ со 1:0“. Единствено може да му се забележи на тимот на Пендаровски, што овој пенал не го искористи.
Плуф и Рам-Бо во кампањата на Обама
Во говорите на Пендаровски, се чуствува ентузијазмот, комуникационата енергија и желбата за победа. Тој покажа дека верува во своите идеи, и досега не покажал ниту ароганција ниту помпезност, како што тоа го среќававме кај Иванов. Факт е дека понекогаш „не е свој“, но е сигиурен и зрел кога зборува за сопствените проатлански и проевропски идеји. Единствено можеби би требал да покаже поголема диверзификација во изборот на темите, бидејки засега мнозинството на наши сограѓани живееја во духот на евро-атланскиот скептицизам и не успееја да ги дижестираат вердностите на НАТО и ЕУ.
А кога сме веке кај народот, искуствата од кампањата на Обама не подучуваат дека тој секогаш ги почнувал своите јавни настапи со пасијата кон избирачите, со нивните проблеми и начините со кои би им го подобрил или олеснил животот. Разбирливо денешниот граѓанин на РС Македонија исто како и оние на САД најмногу се заинтерсирани за подобар животен стандар и благосостојба. Многу граѓани кои едвај го дочекаа „падот на фамилијата“, сѐ уште се во незавидна социјална позиција. Во такви услови почитувањето кон оние што го поддржуваат кандидатот е мошне значаен чин. Во кампањите, Барак Обама најнапред секогаш му се заблагодарувал на сопствениот тим, на пријателите, семејството и пред сѐ на присутните граѓани. Дејвид Плуф, шефот на кампањата на Барак Обама го советувал: тренирај пред огледало и настојувај да изнаоѓаш изрази со кои најдлабоко ке ги погоди оние што те слушаат“. Еден друг член на тимот Рам Емануел познат како Рам-Бо додава: „барај совети од присутните, од твоите соработници, експерти и полу-експерти, биди перфектен говорник, употребувај повремено метафори и малку хумор. Не заборавај да се насмееш, бидејки никој не сака заледени председателски фаци“. Председателскиот кандидат треба да настојува да е харизматичен, и да им се допаѓа на избирачите и да ја покажува својата човечка душа. Како што истакнува и самиот Обама: „овде не дојдов само заради мене туку пред се заради тоа што вие верувате дека оваа држава ке успее..наспроти политиката која вие ја отфрлате, наспроти политиката на поделбите кои траат подолго време и ги стимулира другата страна, јас како вие верувам во единството, верувам дека заеднички ке создадеме солидна заедница ..“
Вообразен, самозаљубен и наивен СДСМ ?
По изборниот пораз на СДСМ во 1998, објавив една кратка анализа за поразот на екипата на Црвенковски, во која истакнав дека една од причините за поразот била „вообразеноста“ на СДСМ. Едноставно тогашниот ментален склоп на Црвенковски беше таков, честопати психолошки индеферентен и вообразен кон членството и пошироката околина што можеби се должеше и на политичката адолесценција кога стана најмладиот председател на Владата. Таквиот дух како да се прошири пирамидално низ функционерската структура на СДСМ. За разлика од Црвенковски, Заев е чиста спротивност, комуникативен лик без фрустрации, храбро влегува во дуели, не тактизира и воопшто не покажува вообразеност и самозаљубеност, иако понекогаш е присутна гандиевска наивност и избрзување во одредени констатции. Неговиот проблем најпластично го изрази „метлата на Дац и сабјата на Кежаровски“. Во право е Шилегов кога признава дека грешките од локалните власти се до централната власт не треба да бидат изговор за да не се гласа за Пендаровски“. Најголемата слабост на СДСМ се неговите просечни и подпросечни градоначалници, неспособните и корумпирани директори и делови од бирократизраните функционери на партијата. Сепак и покрај овие слабости, и по добиениот плексус, Пендаровски и СДСМ можат да успеат во нивната цел и да ја победат репликата на Иванов, г-ѓа.Силјановска-Давкова.