Општинскиот граѓански суд во Загреб донел правосилна пресуда според која Северина Којиќ (47), издавачката куќа „Далас рекордс“ и фирмата „Мотиво д.о.о.“ на сликарот Мијо Ковачиќ (84), треба да му исплатат отштета во износ од 26.089 куни (3.500 евра) со камати поради повреда на авторските права, дознава „Јутарњи лист“.
Станува збор за обвивката на албумот на Северина „Здраво Маријо“, на кој дел од сликарскиот опус на Мијо, мотивите од делата „Селски танц“ и „Главица од зелка“, се користат без одобрување на авторот.
– Да ме прашаше Северина, ќе ѝ ги дадев правата за користење. Но, не ме праша. И тоа не е во ред. Еден мој пријател ми кажа уште тогаш и јас дури и бев вознемирен. Затоа што, преведено гледано, тоа е кражба. Јас во тоа вложив труд, а Северина е популарна ѕвезда. Но, јас не ја познавам неа за да можам да судам. Не ја слушам нејзината музика, не е по мој вкус – изјавил Ковачиќ за „Јутарњи лист“.
Тој исто така открил дека не верува оти ќе добие конечна пресуда со оглед на бавното темпо на судството.
„Нека им биде на душа, ако не препознаваат дека се виновни – додава тој. Мијо посочува дека не станува збор за парите, а тој треба да ги даде авторските права, како што вели, бесплатно. Само доволно било да го праша.
– Треба да се јавите и да прашате. Луѓе сме. На крајот на краиштата, до мене лесно е да дојдеш. И во живо и телефонски – вели легендарниот сликар.
„Здраво Маријо“ е десеттиот студиски албум на Северина, кој во 2008 година го објавила дискографската куќа „Далас рекордс“.