Северен Југ…

Па токму заради тоа сум одличен бе Боки. Ми се деси нешто што ми ја стопли душава после 10 години и замисли, на минус 10 Целзиусови. Откако разбрале за гласањето, ми се јавија моине и рекоа дека се враќаат за стално, дека нема потреба поише да останат таму и да р’мбаат ко физички работници, а сите инжњери и лекари. Ја лично не го гледав гласањето, ама преку нив, доцна синојќа, го осетив како јужен ветер у оваа ладна зима у Северна Македонија. Иначе, Боки...:

2019

– Добро утро комшо, како си?
– Добро ти утро Боки, фала на прашање, ама не сум добар, одличен сум, ха ха хааа…
– Баш ми е мило, туку, како ти се чини ова гласањево од петокот?
– Кое гласање?
– Де бе комшо, па гласањево у Парламент, за уставните промени, за Република Северна Македонија?
– Па токму заради тоа сум одличен бе Боки. Ми се деси нешто што ми ја стопли душава после 10 години и замисли, на минус 10 Целзиусови. Откако разбрале за гласањето, ми се јавија моине и рекоа дека се враќаат за стално, дека нема потреба поише да останат таму и да р’мбаат ко физички работници, а сите инжњери и лекари. Ја лично не го гледав гласањето, ама преку нив, доцна синојќа, го осетив како јужен ветер у оваа ладна зима у Северна Македонија. Иначе, Боки…:

Десет години ладна ми беше куќата, посеверна здравје. Ја осеќав таа студ секој ден кога ја отварав дворната порта, кога мрзоволно го кревав железното резе, и лете и зиме, и влегував во дворот. Со наведната глава чекорев до влезната врата. Кога прв пат погледнав во неа, без нив, се смрзнав од студенилото, од мртво студенило, брат, од безживотноста, од ништото во тишината, од страотниот молк. Широка патека до таму, а таму, двокрилна, дупла, онолкава влезна врата, еј! Кога ја местев, на мајсторите им викав, и патеката и трите скалила до неа, и вратата, сакам да бидат широки за да не се судираат децата и внучињата кога ќе ми дојдат на гости…

Вратата бела со две сверни стаклени гравури на горниот дел и четири дугачки замаглени у вертикала колку да може да се препознаат силуетите на гостите кои ѕвонеле на врата, а трокрилните прозорци од пространиот салон со полукренати ролетни, позади чии стакла завесите висат како лилјаци у длабок сон, стреите подмрзнати, овде онде некој мразулец, само патеката до влезната порта исчистена од снегот, другото не. Кога ќе затопли, тогаш и тој земјен дел од бавчата во дворот со преубави трендафили и зелена трева, ќе го исчистам, си велев, ама и тогаш не го правев тоа. Немав сила, немав волја, другар мој. И соседите ги немаше со лопатите по дворовите да го стругаат мразот од патеките, ниту, пак, моите ги имаше. Студ надвор, студенило внатре, еве овде во душава. Секое доаѓање дома, тие дваесетина метри од дворната порта до влезната врата ги чекорев како цела вечност. Сите филмови тука ми се одмотуваа. Ми се прожектираа во кадри од некогашната топлина, кога и дворот и влезната порта се смееја, и зиме и лете, и на пролет и на есен, кога завесите подигруваа во внатрешноста од брканиците на внучињата, од гласните песни на синот и двете ќерки, од снаата и двајцата зетовци, од седумте внучиња, чиниш, таму дува ветер а не надвор. Топол ветер, Боки. Е, тие ми ја грееја душата, тие ми го милуваа срцето…

Откако заминаа никој не прашуваше за мене. Да не ме сопреше и да не ме прашаше како сум, како ми е, ми треба ли нешто, ми недостасува ли нешто, немаше и ти да дознаеш за оваа моја Северно македонска топлина. Одвреме навреме ќе се разминевме на патекава, ниту здраво, ниту добар ден си кажувавме. Ко тоа да ни беше јасно кога од далеку ќе се видевме и препознаевме, па и тие прости реченици на почит од некоја стара, веќе излитена навика, не ги употребувавме…

Знаеш што, Боки? Откако замина Блага во вечноста, само тие ми ја полнеа и ми ја топлеа душава. Откако и тие заминаа јабана, никој не прашуваше за мене. Никој не ми ја отвараше портата, никој не ми ѕвонеше на влезната двокрилна врата, никој не влегуваше во дворот да ги помириса трендафилите, никој не ги помрднуваше завесите во големиот салон, никој не прашуваше како сум, како се викам, од каде сум. Ми студеше и лете и зиме. Душава ми беше смрзната. Ниту сонце можеше да ги стопи тие мразулци во мене, ниту снегот можеше да ги прекрие за момент тагата и болката, да ја затрупа празнината во мене. И така ден по ден, десет години…

Ме праша што мислам за гласањето во петокот? За Северна Македонија? Душава ми е топла бе човек, што повеќе да ти кажам, кога, еве, се разбираме на македонски, зборуваме македонски исто како и до вчера и завчера, а од денес живееме во Северна Македонија полна со топлина, со перспективи за сите, а посебно за младите. Моите најавија враќање. Тоа се ми кажува. Ова за мене, а и за многу други родители, омладинки и омладинци, е Северен Југ, ама македонски, и никаков друг, и во кочан зима и во изгор лето. Биди ми поздравен, Боки…

Тенкју, комшо…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...